Градоначалничките кандидати од Неготино да се обврзат дека нема да дозволат загадувачка индустрија во општината!

by fokus

За градоначалничките кандидати и носители на советнички листи во Неготино, се подготвува Зелен меморандум од страна на Здружение на граѓани Ековита, и со негово потпишување потенцијалните јавни функционери ќе се обврзат дека во општината нема да се дозволи отворање и изградба на инвестиции од загадувачки карактер посебно со ознака Г1 –тешки загадувачки индустрии, кои се сомнителни и би се одразиле штетно на целокупната животна средина во општината, а пред се имаат негативно влијание врз здравјето и животот на нашите сограѓани, информираат од здружението.

-Сите оние што претендираат за високи локални позиции во нашата општина мораат да потврдат дека се грижат за иднината на младите и граѓаните на Неготино!
Ќе се обврзат дека ќе ја почитуваат Архуската конвенција, односно дека ќе ги информираат и консултираат своите сограѓани кога ќе носат одлуки од областа на животната средина.

Граѓаните ќе бидат известени кои кандидати се потпишани и ќе бидат поддржани на локалните избори.
За оние кои нема да го потпишат Зелениот меморандум, ќе се повикаат граѓаните за селективен бојкот на локалните избори!
Граѓаните го имаат последниот збор!-порачаа од Ековита.

Во Неготино за градоначалничката функција силите ќе ги измерат Тони Делков од СДСМ, кој е актуелен градоначалник и д-р Горан Стојанов од ВМРО-ДПМНЕ.

Стојанов е доктор интернист и раководител на Итната медицинска помош, додека Делков има приватен бизнис.

За време на актуелниот мандат на Делков, во два наврати се случува обид за отворање на депонија во општината. Пред две години актуелна беше најавата за изградба на депонија за индустриски и инертен отпад, за која граѓаните одлучно се спротивставија.
Проектот беше стопиран, а во решението за негово стопирање беше наведено дека постапката е запрена поради негативно мислење на Државното правобранителство.
Од италијанската компанија П&П која која била единствен понудувач и со која била завршена продажбата на државното земјиште по цена од 500.000 евра, тогаш најавија дека ќе го обжалат решението.

Граѓаните собраа доволно потписи, со цел да се распише Референдум, како единствена гаранција дека во иднина нема да се гради депонија на било која локација во општината. Истиот никогаш не беше изгласан, бидејќи на ден 29.01.2020 беше свикана вонредна седница на која точката од дневниот ред ,,Разгледување на Предлог за распишување на референдум на локално ниво” беше изгласана за БЕСПРЕДМЕТНА точка.

Сега пак, актуелна е најавата за изградба на гасна централа за согорување на отпад од дури 48 општини, што повторно ги вознемири жителите на градот познат по лозарството, кои бараат општината да се залага за развој на винарството и лозарството, и да не се дозволи влез на било какви загадувачки индустрии.

Од Ековита неодамна ги објавија резултатите од спроведената анкета, чиј резултат е дека дури 90 проценти од жителите се против изградбата на депонијата за обработка на отпад, односно гасна централа.
Дополнителна загриженост кај неготинчани предизвика и изјавата на Александар Гечев, сопственикот на ИГМ Трејд, дадена во интервју за магазинот Капитал пред околу осум месеци, во која тој тврди дека не се откажува од проектот топилница на челик во Неготино која ќе работи со електро печки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости