Градоначалничката на Париз, Ен Хидалго, го оствари ветувањето дека до Олимписките игри ќе успее да ја исчисти и да ја направи безбедна за капење реката Сена која долги години беше загадена, за да биде домаќин на пливачки натпревари на Олимпијадата 2024, како и дел од церемонијата на отворање што ќе биде за девет дена. Дневните тестови за квалитетот на водата на почетокот на јуни покажаа небезбедни нивоа на бактерии ешерихија коли, но оттогаш има подобрувања.
Облечена во нуркачки костим и очила, Идалго скокна во реката во близина на импресивното Градско собрание каде е нејзината канцеларија и катедралата Нотр Дам.
„Сена е извонредна“, рече Идалго од водата. Откако излезе, таа продолжила со фалбите: „Водата е многу, многу добра. Малку ладна, но не толку лошо.“ Таа рече и дека денешниот ден е „сон“ и „сведоштво дека сме постигнале многу работа“, повикувајќи се на „планот за пливање“ на градот што беше лансиран во 2015.
Пливањето во Сена е забрането повеќе од еден век. Од 2015, организаторите инвестираа 1,5 милијарди долари за да ја подготват Сена за Олимпијадата и да обезбедат парижаните да имаат почиста река по Игрите.
Планот вклучуваше изградба на огромен подземен базен за складирање на вода во центарот на Париз, реновирање на канализационата инфраструктура и надградба на пречистителни станици.