Градежник ќе управува со Култура, професор по математика – заменик министер во труд и социјала

by fokus

Асаф Адеми, идниот министер за култура, е дипломиран градежник. Тој дипломирал во 2002 година на Градежниот факултет и како што навел во биографијата при крај е со магистратурата по градежништво.

Владата ги испрати биографиите на идните министри и заменици министри во Собранието. Дел од нив и се познати на јавноста како Рената Дескоска, Арбер Адеми и Андреј Жерновски, затоа што имаат кариера во политиката, а и претходно биле дел од извршната власт. Дел, пак, за прв пат добиваат функции. „Фокус“ ги објавува биографиите на неколкумина нови имиња за јавноста да се запознае со нив.

Адеми, кој наскоро ќе го преземе кормилото на културата, во моментов е вработен како управен директор во приватната фирма „Inscale Global“. Тој е задолжен за менаџирање на канцеларијата на оваа фирма во Скопје, во која се вработени околу 100 луѓе.

Фирмата нуди услуги за развој на offshore на технолошките компании во Северна Европа, кои сакаат да ги зголемат своите капацитети за развој во областа на информатичката технологија.

Како што стои во неговата биографија, една од работните задачи му е:

„Менаџирање со конфликти меѓу вработените и клиентите кои доаѓаат од различни култури.“

Во оваа фирма Адеми е вработен од 2013 година. Од 2009 до неговото вработување во приватниот сектор, тој бил амбасадор на Македонија во Данска. Во четирите години од неговиот мандат навел дека работел на поттикнување на данските компании да инвестираат во Македонија.

Од 2007 до 2009, пак, Адеми бил раководител на секторот за урбанизам и заштита на животната средина во Општина Гостивар. Две години претходно бил раководител на одделението за локален економски развој. Од 2003 до 2005 година, пак, се наведува дека бил консултант во Одделението за имплементација на проекти во Општина Гостивар.

Низ неговото искуство нема никаква работа или дејствување на полето на културата.

Бардул Даути, предлогот на ДПА за министер без ресор за странски инвестиции, е доктор по економски науки. Докторирал на Универзитетот во Љубљана со докторска дисертација на тема: „Детерминанти и трговски ефекти на странските директни инвестиции во земјите од Југоисточна Европа со посебен осврт во Македонија“. Доцент е на Универзитетот во Тетово.

Ѓонул Бајрактар, предлогот за заменик министер за труд и социјалната политика доаѓа од Демократската партија на Турците на Македонија.

Тој работи како професор по математика во основното училиште „Тефејјуз“ во Скопје. Од 2006 до 2013 година бил директор на училиштето. Во 1999 година бил ангажиран од ОБСЕ и ОДИХР како преведувач и асистент.

Од образование Бајрактар има завршено додипломски студии на Природно Математичкиот факултет, насока математика – физика.

Од неговата политичка кариера претходно бил два мандати член на Советот на Град Скопје. Тој е потпретседател на партијата.

Садик Беќири е предложен за заменик министер на Горан Сугаревски, во Министерството за транспорт и врски. Во 1987 година тој дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот на Приштина, смер конструкции.

Неговата биографија е кратка, но со работно искуство во соодветната област. Во 90-тите работел во СВР Тетово четири години, на позиција, како што пишува, испитувач. Потоа ја основал фирмата „Технопроект -2“. Од 1999 до 2003 година е заменик генерален директор во ЈП „Македонија пат“, во 2003 година странува директор на јавното комунално претпријатие „ЈКП Тетово“. Во 2009 година е поставен за директор на ЈП „Геоинженеринг“, а во 2012 година раководител на Секторот за урабанизам во Општина Тетово.

 

Поврзани новости