Поставување на систем за интегритет во компании, усогласување со меѓународни и европски стандарди, како и мерки за спречување на корупцијата и градење етичка деловна средина беа дел од темите на обуката за „Бизнис интегритет“ што Комората ја организираше во Битола, како дел од проектот „Граѓаните против корупцијата“, поддржан од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
На обуката учествуваа 33 претставници од 28 различни компании и индустрии од Битола, кои имаа можност да ги унапредат своите знаења и да се запознаат со најдобрите практики за воведување системи за бизнис интегритет.
Сесиите ги водеа експерти од врвни компании, кои споделија примери од практиката и методологии за воспоставување транспарентност и корпоративна одговорност. Програмата вклучуваше предавања и практични сесии за воведување етички програми, управување со ризици и примена на алатки за спречување на корупција. Секоја компанија учесник доби сертификат за учество, како и електронски материјали со дополнителни насоки за воведување интегритет во своите компании.
Обуката во Битола е дел од серијата активности што Стопанската комора ги организира низ повеќе градови ширум земјата, со цел поттикнување на култура на интегритет во приватниот сектор. Овие активности се дел од заложбите на Комората за развој на деловната етика, која носи значителни придобивки за компаниите, вклучувајќи поголема доверба кај деловните партнери, инвеститорите и клиентите, како и долгорочна одржливост и успех на пазарот.
Програмата „Граѓаните против корупцијата“ е предводена од Македонскиот центар за меѓународна соработка, поддржана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор.
ПР