По речиси една недела молк, Град Скопје излезе со соопштение до јавноста за мостот „Беласица“ кој е затворен за пешаци и сообраќај, откако избувна пожар. Оттаму апелираат до јавноста, медиумите и оние кои сакаат да се нарекувале експерти да не предизвикуваат паника во јавноста со паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања.
-Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување. Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани „извори“ да се предизвикува паника кај граѓаните, велат од Град Скопје.
Според соопштението во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има било каква интервенција пред да се стави во употреба.
-Со ова, сакаме да ги демантираме и дезинформациите и паушалните раскази на медиуми кои ја користат оваа ситуација за водење на политичка агенда која на ниту еден начин не помага на разрешување на ситуацијата, реагираат од Град Скопје.
Деканот на Градежниот факултет денеска во изјава на медиумите кажа дека мостот нема да пуштен во употреба најмалку една година, а имаше и неофицијални информации дека може да се руши.