Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска одржа координативен состанок со градоначалниците на сите скопски општини и директорите на градските јавни претпријатија, поради силното невреме кое вчера го зафати Скопје, како и во врска со најавите за нови временски непогоди во скопската котлина.
На состанокот било дискутирано за моменталната ситуација на терен и биле донесени едногласно заеднички заклучоци и ставови.
Како што се наведува во соопштението од Град Скопје, досегашните преземени активности за санирање на состојбите, подготовки за можно невреме, се со зголемена координација меѓу Град Скопје и општините во насока на здружување на ресурсите и екипите за интервенција при невреме на најпогодените и најкритичните места. Исто така, на состанокот се дискутирало и за проблемот со нискиот процент покриеност на Скопје со атмосферска канализација, особено на општинските улици и во моментов се прават анализи за надминување на овој долгогодишен проблем.
– Сите екипи и денеска се мобилизирани на терен, се интервенира на сите локации погодени од силното невреме, а штетите се санираат. Екипите остануваат подготвени а приоритет во расчистувањето имаат приодите кон критичните места во градот, истакнала Арсовска.
Градоначалниците на состанокот заеднички побарале долгорочно решение за зачестениот проблем со паднати дрвја при секое посилно невреме во Скопје, што претставува опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти. За решавање на овој зачестен проблем се дискутирало за реализација на голема акција во сите општини координирано за сечење на сите стари и суви дрвја, бидејќи претставуваат опасност по безбедноста на граѓаните и нивните имоти.