Град Скопје со столпчиња на булевар „Свети Климент Охридски“ ќе спречи паркирање на тротоарите

by fokus

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ извршуваат градежни активности за поставување заштитни столпчиња на тротоарите на булеварот „Свети Климент Охридски“, на потегот од крстосницата со улица „Свети Кирил и Методиј“ до крстосницата со улица „Димитрие Чуповски“.

Од Град Скопје велат дека до сега се завршени градежните работи од едната страна на булеварот (пред Европскиот факултет), каде што се поставени 126 заштитни столпчиња, а во моментов се извршуваат градежни работи од другата страна на булеварот, каде што треба да се постават дваесеттина столпчиња.

„Продолжува големата акција за поставување заштитни столпчиња по должината на повеќе улици и булевари во централното градско подрачје. Оваа координирана акција се спроведува по налог на Град Скопје и истата е во насока на зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и овозможување непречено движење на пешаците“, велат од Градот.

Изминатиов период, во рамките на оваа голема акција столпчиња беа поставени и по должината на улицата „Димитрија Чуповски“, пред Министерството за правда, како и по должината на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, пред објектот на поранешна „Нова Македонија“. Во оваа акција изминативе два месеца досега се поставени околу 300 заштитни столпчиња.

Поврзани новости