Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, ниту во светот, велат од Град Скопје.
„Утрово како и секој друг ден од почетокот на грејната сезона сведоци сме на лажни вести кои во 21. век, во ера на информатичка технологија, кога податоците и вистината се достапни за секого може да се проверат.
Имено, неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис „WAQI“ кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото“ наведуваат од градот.
Како најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа, оттаму ги посочуваат Кавадарци, Струмица и Тетово.
Инаку, според страницата „Ај-кј Ер“ Скопје утрово беше десетти најзагаден град во светот, а попладнево се искачи на шесто место. Мерната станица за квалитет на воздухот во Скопје во десет часот утрово измерила високо ниво на загадување од 189,51 микрограми на метар кубен.