Град Скопје склучи договори за Пластичарска со фирма од Сарај, која доби тендери од над 8 милиони евра за 2 години

by Фокус

За првата фаза од реконструкцијата на Пластичарска улица, која започна пред неколку дена, Град Скопје спровел деллива тендерска постапка во чии рамки склучил 3 договори за јавна набавка во вкупна вредност од скоро 2,1 милиони евра.

Во рамки на оваа постапка, според податоците од Бирото за јавни набавки, Градот склучил еден договор со компанијата Магнус Инженеринг во износ од околу 114 илјади евра, додека останатите два биле склучени со компанијата Ју-Бај 2 Амет, чија вкупна вредност изнесува околу 1.948.000 евра.

Притоа, еден од договорите меѓу Градот на чело со градоначалникот Петре Шилегов и Ју-Бај 2 Амет се однесува за изведба на водовод и канализација и изнесува 740 илјади евра, додека вториот договор се однесува за градежниот сегмент и изнесува 1.2 милиони евра.

Од извештаите за спроведените постапки, кои се објавени заедно со договорите меѓу двете страни, произлегува дека Ју-Бај 2 Амет понудил најниска цена и во двете јавни наддавања, така што во првиот случај се натпреварувал со градежната компанија Гранит, а во вториот со Гранит и Пелагонија АД Гостивар.

Имено, за делот за водовод и канализација, Ју-Бај 2 Амет понудил 627.000 без вклучен ДДВ, што е за повеќе од 100 илјади евра во споредба со понудата на Гранит, која изнесувала 728.500 евра.

Што се однесува до делот за градежни работи, разликата во цените е помала, со оглед дека Ју-Бај 2 Амет понудил еден милион евра без ДДВ, додека понудите на Гранит и Пелагонија АД Гостивар биле повисоки за 60, односно 65 илјади евра.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во 2000 година со седиште во скопски Сарај, а како единствен сопственик и управител се јавува Амет Бајрами од селото Бојане.

Иако функционира долги години, сепак, официјалните податоци покажуваат дека компанијата почнува да добива државни тендери од почетокот на 2018 година, кога всушност ја добила првата здделка со јавни пари од Министерството за транспорт и врски за реконструкција на водоводна мрежа на Крива Паланка во вредност од 217.500 евра, по што соработувала и со Министерството за животна средина, како и со општините Сарај и Чаир.

Но, компанијата од Сарај најмногу и воедно најголемите тендери ги добила од Град Скопје, имајќи во предвид дека соработката меѓу двете страни тежи околу 3,9 милиони евра, што е скоро двојно од вкупната вредност на договорите за јавна набавка што ги склучила оваа компанија, чија вкупно вредност надминува 8 милиони евра.

Инаку, Град Скопје и Ју-Бај 2 Амет периодов склучиле и два договори за реконструкција на две фази од Партизанска (1.117.000 +211.500 евра), за реконструкција на булевар Крсте Мисирков (332.000 евра), за изведба на атмосферска канализација на улица Христијан Тодоровски – Карпош (183.500 евра) итн.

Скопскиот градоначалник Шилегов пред неколку дена изјави дека паралелно со реконструкцијата од булеварот Никола Карев, односно на делот познат како Пластичарска улица, во тек е и проектирање на втората фаза, по што напролет се очекува да започнат градежни од влезот во касарната Илинден до спојувањето со булеварот Словенија.

В.С.

Поврзани новости