Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вечерва изјави дека во текот на следната година би можеле да бидат познати првичните контури на новиот систем на јавниот превоз во главниот град.
– Тука не постои простор за импровизација затоа што луѓето ги имаат секојдневните потреби за јавен транспорт. Тоа треба да се темели на анализи. Градот Скопје во овој момент прави студија врз основа на која подоцна ќе можеме да направиме реоганизација на самиот систем на јавен транспорт и да го направиме поекономичен, изјави Шилегов во интервју за „Топ тема“ на Телма ТВ.
Првиот човек на Скопје кажа и дека во ноември ќе биде завршена постапката за промена на системот на наплата на билети во градските автобуси на ЈСП „Скопје“.
На прашањето дали Град Скопје повторно ќе издаде одобрение за сеча на шумата на Водно во контекст на најавената гасификација, Шилегов рече дека станува збор за утврдена траса за која е издадена правосилна градежна дозвола во декември 2016 година.