Од Град Скопје велат дека потпорниот ѕид кај Детската клиника во Клиничкиот центар, кој денеска се урна, не е во нивна надлежност, туку на Министерството за здравство. Исто така и улицата Белградска, како што посочуваат, е во надлежност на општина Центар.
„Поврзано со дезинформациите во јавноста а во врска со срушениот ѕид и ограда на Клиничкиот центар, Град Скопје ја известува јавноста дека нема законска надлежност за постапување во овој случај, односно согласно законските и подзаконски акти истото е во надлежност на Министерството за здравство на Македонија.
Попрецизно улицата Белградска е улица во надлежност и сопственост на општина Центар, за истата донесена е одлука на Совет за одржување од страна на Град Скопје, кое во ниту еден случај не значи изградба на улица ниту друг вид градежни активности врз нејзини делови. Изградба на општински улици е во надлежност на општините додека на Градот Скопје се надлежност булеварите и сообраќајниците кои се опфатени во ГУП.
Потпорниот ѕид кој е изграден со функција ограда на Клиничкиот центар е надлежност на Министерството за здравство, односно негова изградба/реконструкција може согласно законските и подзаконски акти да прави единствено Министерството или негов орган овластен за истото“ појаснуваат од Град Скопје.