Непознати лица во текот на изминатата ноќ го оштетиле Железничкиот мост во Општина Карпош, односно ги исекле каблите, соопштија од Град Скопје, обвинувајќи дека се работи саботажа.
„Градот Скопје заедно со општина Карпош, денес поднесе пријава против Н.Н. сторител поради оштетување на јавен имот и саботажа откако на т.н. Железнички мост во Општина Карпош на булеварот Васил Чакаларов во текот на вечерта намерно се исечени и оштетени електрични и комуникациски кабли“, велат од Градот.
Оттаму прават паралела и со пожарот на мостот „Беласица“ на потегот помеѓу Железничката станица и „Ист гејт мол“.
„Не сакаме да веруваме дека станува збор за намерна саботажа предизвикана од политичка агенда, но, ако судиме по реакциите на политичките партии кои го политизираа и пожарот на мостот Беласица со шпекулации и предизвикување на општа несигурност и паника кај граѓаните, заклучокот е загрижувачки“, соопштија од Градот.