Град Скопје: Не пријавувајте отворени огнови на „Фејсбук“, пријавете ги на 193

by fokus

Од Град Скопје апелираат до граѓаните сите забележани огнови на отворено да ги пријавуваат исклучиво на телефонскиот број 193, наместо на „Фејсбук“ или на другите социјални мрежи.

Од таму потенцираат дека горењето пластика, гуми, кабли, неквалитетни дрва и палењето на дивите депонии влијаат на загадувањето на воздухот и додаваат дека според статистиката греењето на дрва учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а најотровните состојки се испуштаат од отворените огнови.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху вели дека за таа цел мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено.

-Со пријавување на бројот 193 екипите ќе може да интервенираат навремено, а со тоа и да се спречи евентуална опасност по здравјето и имотот на нашите сограѓани. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, огновите ќе бидат изгаснати, а доколку постои потреба од згрижување на лицата кои ги палат огновите ќе интервенираме во координација со Центарот за социјална работа на Град Скопје. Одговорноста за решавање на проблемот со огновите на отворено е заедничка за сите нас и затоа е неопходна активна соработка со граѓаните. Градот Скопје интензивно работи на елиминирање на причинителите на загадувањето на амбиентниот воздух во градот – рече Салиху.

Минатата зима, во рамки на оваа кампања биле регистрирани вкупно 438 јавувања на телефонскиот број 193, било интервенирано на 334 огнови на отворено, а во 114 случаи на терен излегле комунални инспектори.

Раководителот на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски, рече дека градските инспектори вршат засилени контроли на терен по однос на загадувањето на животната средина и досега се пронајдени и казнети поголем број прекршители во Вардариште и во Ѓорче Петров.

-Во периодот септември/октомври годинава во споредба со истиот период лани имаме зголемување од околу 120 отсто во однос на изречените казни, а имаме изречено и голем број опомени за несовесните граѓани. Засилено се следи и состојбата во Лисиче, каде што граѓаните пријавуваат извори на загадување. Фатени се неколку малолетници кои гореле кабли и различни отпадни материјали. Ги контролираме и градилиштата по однос на прашината, дали се чисти тркалата на камионите, дали се покриени со церади и слично. Направени се контроли кај повеќе од 50 градилишта на подрачјето на Скопје – рече Богдановски.

Поврзани новости