Советот на Градот Скопје денеска ќе одржи вонредна седница на која тема ќе биде носење одлука за помош на настраданите од катастрофалниот земјотрес во Турција.
Помошта претходно ја најави и градоначалникот Петре Шилегов.
Потрагата по преживеаните од урнатините во егејскиот регион на покраината Измир сè уште трае откако земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтеровата скала го затресе овој дел од Турција.
Според последните информации од Агенцијата за вонредни состојби и управување со катастрофи (АФАД) бројот на загинати достигна 49 лица, а на повредени 896.
АФАД, исто така, соопшти дека по најсилниот земјотрес следувале уште 833 помали земјотреси, а 40 биле посилни од четири степени по Рихтеровата скала.
Земјотресот беше со епицентар во Егејското Море, во близина на градот Сеферихисар во провинцијата Измир. Земјотресот се почувствува и на блиските грчки острови. Најмалку 20 згради се урнаа во Измир, а потресот предизвика мало цунами што ги зафати крајбрежните улици на Сеферихисар.