Градот Скопје ќе спроведе голема акција за чистење на Скопје во која освен јавните претпријатија, ќе бидат ангажирани и 1.000 невработени лица. Овие лица ќе добијат по 6.139 денари, ќе имаат платен автобуски превоз и надоместок за ручек. Парите за чистење, околу 7 милиони денари, се пренаменети од ставката за трошоци за градската администрација.
-Оваа голема акција за чистење и миење на градот ќе стане традиционална, односно секоја пролет и есен ќе организираме масовно чистење. Секоја општина со целата механизација на јавните претпријатија и ангажираните лица ќе се чисти во посебен ден. Кога ќе завршиме со општините, ќе преминеме на чистење на кејот на реката Вардар. Се надевам дека ќе почнеме после среда, кога има најави дека времето ќе се подобри. Ги повикувам да ни се приклучат граѓаните и сите општествено одговорни компании, рече градоначалникот Шилегов.
Агенцијата за вработување веќе испратила покани до 5.00о невработени лица за учество во акцијата, а досега прифатиле 350.