Градоначалникот Петре Шилегов, на денешната седница на Советот на Град Скопје предложи 2020 да биде прогласена за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.
„За“ гласаа 32 советници, и советниците од ВМРО ДПМНЕ гласаа „за“.
„Град Скопје се грижи и ги вреднува нашите вистински вредности, а тоа ќе го докажува и преку низата планирани активности што ќе ги организира во текот на целата 2020 година во чест на овој наш творец, односно истакнат македонски романописец, поет, есеист, филмски сценарист и сликар.
Тргнувајќи од творештвото и од книжевната моќ на делување на скопјанецот Јаневски, во негова чест Градот планира да именува улица и еден од библиотечните клонови при Градската библиотека; изложба за животот и делото на Славко Јаневски во Музеј на град Скопје; распишување на конкурс за уметници коишто ќе творат во негова чест; поддршка во реиздавањето на неговите дела, изработка на мурал на еден од скопските ѕидови“ и многу други активности.
Славко Јаневски е еден од втемелувачите на современата македонска книжевност по Втората светска војна и на стандарден македонски јазик ја напиша првата македонска повест Улица, првиот македонски роман Село зад седумте јасени, а со Две Марии, и со многубројните преостанати дела го стави своето родно Скопје и нашето Скопје на светската книжевна мапа“, велат од Град Скопје.