Секогаш е подобро политика да се води со разум, а не со инает, се вели во соопштението што попладнево стигна од Град Скопје и во кое се поздравува владината одлука со која се овозможува на градските власти да им се дадат на заем дел од државните нафтени резерви.
Од Град Скопје велат дека доколку јавниот интерес е на прво место можно е конструктивно да се делува во интерес на граѓаните.
Сепак, оттаму ја потсетуваат Владата дека сè уште има долг кон ЈСП „Скопје“ со кој велат дека би се стабилизирала во целост состојбата во претпријатието.
„Потсетуваме дека Владата се уште има долг од 500 милиони денари кон ЈСП Скопје за студентскиoт стандард и бесплатниот студентски превоз, со кои ќе се стабилизира во целост состојбата во претпријатието“, додаваат од Град Скопје.
Постапката на Владата, од Град Скопје велат дека треба да ја следат и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да ги донесе одлуките во Советот на град Скопје што се неопходни за подобрување на состојбите во јавниот превоз.
Во соопштението се упатува апел, на следната седница на Советот на Град Скопје, советниците да дозволат набавка на нови автобуси за ЈСП „Скопје“, но и за отпочнување на реализација на проектот за БРТ со кој е предвидено набавка на дополнителни 60 автобуси.
„Важно е и советниците да заземат став за барањата на приватните превозници што како одлука единствено тие можат да ја донесат за во целост да се нормализира јавниот превоз“, додаваат од Град Скопје.