Град Скопје денеска ја повика општина Сарај да постапи согласно законските надлежности во однос на дивите платформи на Матка.
– Градот Скопје ја охрабрува општината Сарај да постапи согласно со своите законски надлежности кога се дивоградбите во прашање. Впрочем, нема поголем интерес ниту за граѓаните на Скопје, ниту за граѓаните на Сарај од владеењето на правото, еднаквостa пред законите и целосното функционирање на институциите, изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Тој посочи дека изминатава година Градот заедно со УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање изработиле законски модели со кои ќе се заштити Матка во еколошка и економска смисла.
-Ова решение ќе овозможи заштитата на Матка и нејзиното управување да не зависи од градоначалникот на Скопје или од градоначалникот на Сарај, туку од почитувањето на законот. Матка е непроценлив потенцијал за целиот град, а особено за локалното население на Сарај, истакна Салиху.
Претходно денеска градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети изјави дека општината нема да ги легализира дивите платформи на Матка, но оти не може ниту да ги урне бидејќи имаат барање за легализација кое е во процедура.