Поп пејачот Влатко Лозановски – Лозано е поддржан со сума од 100.000 денари од страна на Град Скопје, за концерт кој треба да го реализира во текот на 2022 година.
Неговиот проект – концерт, се најде на листата со поддржани проекти од областа на културата 2022, а листата беше објавена вчера.
На Конкурсот пристигнале 564 апликации, а биле поддржани 177 од нив. Сумата одвоена за нив е 220.000 евра.
Концертот на Лозано спаѓа во областа Музички уметности, а во истата финансиски се поддржани 65 проекти.
Помеѓу поддржаните се и Интернационалниот фестивал на забавни мелодии Еврофест, кој добива 34.000 денари за проект Чествување за незаборав за Тоше, Ансамблот за народни песни и ора Скопје добива 50.000 денари за концерт по повод јубилеј од 27 години, Јане Дунимаглоски добива 25.000 денари за концерт на Трио Џентлмен, а групата Дупер добива 30.000 денари за снимање и продукција на две песни.
Во оваа област, најголема поддршка добиваат Детскиот фестивал Златно Славејче и Фјужн Фестивал 5, по милион денари за проект.
Вики Клинчарова