„Дали најавите на Мицкоски за преговори со компанија за набавка на 100 електрични автобуси и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, е причината за 3 годишната блокада на градот од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Изјавите на Орце Ѓорѓиевски и Александар Николовски, дека проблемот со автобусите ќе се реши по локалните избори, се потценувачки кон граѓаните во Скопје. Ако имаат решение, зошто тие не го понудат веднаш, за што градоначалничката Данела Арсовска повеќе пати истакна дека ќе прифати соработка за доброто на граѓаните. Доколку навистина се грижат за граѓаните, нека донесат автобуси, нека го оправат ЈСП, зошто да чекаат до изборите и ги оставаат граѓаните со проблеми уште цела една година? Дали оваа штета врз Скопје се прави поради повредената суета на Мицкоски, поради неговиот инает кон градоначалничката Арсовска или за Мицкоски политички да поентира на следните локални избори?“ соопштија денеска од Град Скопје.
Оттаму велат „ако Мицкоски има решение за ЈСП, зошто неговите советници сега не гласаат за набавка на нови автобуси или за воведување БРТ, зошто чекаа 3 години и зошто јавно најавуваат дека уште една година Скопје ќе биде нивни заложник? Жално е што Мицкоски и неговите партиски послушници мислат дека граѓаните имаат кратко памтење, дека ќе заборават што се случуваше пред три години и ќе заборават дека тие лично го креираат хаосот во Скопје цели 3 години. Мицкоски не реализираше ниту едно од своите ветувања за Скопје, а богами без да истури 250 милиони во своите општини, тешко дека ќе испорача било што и низ Македонија!“.
„Единствен виновник за континуираната криза во ЈСП е Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ, чии советници на чело со Трајко Славевски се власт во Советот 3 години и веќе 24 седници по ред не гласаат за замена на дотрајаните автобуси со нови, ниту за решавање на хаосот што сами свесно го предизвикуваат во јавниот превоз. За Седницата на Совет за ноември 2024 година, по 25 пат е доставена предлог одлука за нови еко автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Советниците од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Советот веќе 3 години, континуирано не гласаат за подобрување на состојбите во ЈСП. Поради суетата на Мицкоски, граѓаните во Скопје со часови чекаат автобус. Мицкоски кој еден ден глуми спасител на скопските јавни претпријатија – а друг ден како за сите важни прашања во државата негира што кажал, време е барем еднаш да си стои на зборот и да ги реши проблемите што континуирано ги креира“ велат од Град Скопје и посочуваат:
„Сите одлуки за Скопје можат да ги донесат ЕДИНСТВЕНО советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои се власт во градот веќе 3 години. Тие континуирано по наредба на шефот Мицкоски демонстрираат сила и самоволие, вршат притисок за да се излечи суетата на човекот, на кој додека не се елиминира градоначалничката Арсовска, нема да му се смири егото, а за тоа трпат граѓаните. Угнетувачот Мицкоски со три години притисоци и закани се обидува Арсовска да си замине, што на негово разочарување нема да се случи, затоа што вина за проблемите имаат само неговите слуги во Советот на Град Скопје, од чии одлуки за жал зависи нормалното функционирање на градот“.
„Според програмата за Скопје на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ која ја промовираа на локалните избори во 2021 година, требаше до крајот на мандатот да се испорачаат 250 автобуси. За потсетување шефот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лично ги ветуваше новите еко автобуси за скопјани. Со набавка секоја година по 50 автобуси, ќе се постигнеше квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и ќе се испорачаа до крај на мандатот 250 автобуси“ велат од Град Скопје.