Градот Скопје ги информираше сите претставништва на странски држави во нашата земја дека своите службени возила треба да ги паркираат исклучиво на предвидените паркинг-места во градот, а во спротивно, возилата со дипломатски таблички ќе имаат ист третман од ЈП „Градски паркинг“ како и сите други непрописно паркирани возила.
-Во изминатиов период, градоначалникот на Град Скопје неколкупати писмено се обраќаше до амбасадите кои не ги почитуваат прописите за паркирање со потсетување дека своите службени возила треба да ги паркираат на површини означени како паркиралишта.
Контролорите на ЈП „Градски паркинг“ секојдневно се соочуваат со непрописно паркирани возила со дипломатски таблички. Град Скопје стои на ставот дека законите треба да важат за сите, а и во Виенската конвенција за дипломатски односи се наведува дека дипломатските претставници треба да ги почитуваат локалните закони и прописи. Дипломатските возила треба да бидат уредно паркирани и притоа да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот, ниту да го попречуваат движењето на пешаците и на велосипедистите.
Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг- услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се вели во соопштението на Град Скопје.