Од кога почна полицискиот час престана онаа лоша и грда навика од нејавување на телефон. Сега се сите дома и никој не може да каже „извини, бев на состанок“, ниту може да те откачи со „извини, имам многу работа“.
Пишува Звонко Давидовиќ
Стојам до шпоретот и додека пржам помфрит, гледам како паѓа снег на први април како првоаприлска шега. Ма, сево ова што ни се случува изминативе недели личи на првоаприлска невкусна шега, ама навикнати на таквите ненормални и несфатливи збиднувања во изминативе скоро три децении, ништо повеќе не нè изненадува. Не станавме трпеливи, туку отапени на збиднувањата во реалниот свет и сè прифаќаме со шега, мајтап, со објаснувања и верувања во кои нема ни логика ни памет.
Поминаа шегите со карантинот, изолација со сопругата, затворените кафеани, Црногорците, Кинезите и животните. Ни здосади трката по продавници и трупање намирници и тоалет хартија, како војна да е, која ќе трае најмалку деценија. Помина и желбата да дремеш пред аптека за маска, ракавици и гел, кои ги немаат, ама ќе ги добијат „за два-три дена“, како што рекоа пред две недели. Имав чувство деновиве дека попрво ќе најдеш бурек со месо и симитка во аптека, отколку овие заштитни средства. Во меѓувреме, научивме да правиме и самите маски, па почнавме да ги правиме во разни бои да ни одговараат со гардеробата, замисли кој сељак ќе бидеш црна маска да носиш на тегет.
ВИБЕР ГРУПИ ЗА РАЗМЕНА РЕЦЕПТИ
Веќе не ни се интересни ни чудни бабите и дедовците, кои маскирани и како илегалци, како Тихи и Прле, се „шуњаат“ по продавници по 11 часот, кога за нив е полициски час. Не е интересно веќе ни да го слушаш Филипче, кој сè поретко се појавува, ниту будалштини на првите луѓе на позицијата и опозицијата, кои тресат зелени од ракав. Сега се префрливме на готвачки вештини и мајстории.
На секои две минути титка телефонот со порака на Вибер, Месинџер или објава на Фејсбук. Фрчат рецепти и слики од зготвените јадења и се бараат и менуваат рецепти. Еден од моите пријатели се истакна изминатиов период со приготвување слатки работи, милина да ти е да ја погледнеш штрудлата од јаболки или чискејк, кога ќе ги прати во група на Вибер.
Другиот пријател, пак, постира гравче во најразлични варијанти, со колбаси, ребра, чорбест, тавче-гравче, третиот е махер за месено лепче. Но, заедничко ни е што сите правиме кефир, и тоа со млеко строго да е „збрегов“ и што поголема масленост. Кога ќе се појавиме во продавница шестемина маскирани со по пет млека в раце, милина да ти е. Не можам да кажам дека луѓето не се чудеа што правиме со толку млеко, а според возраста не сме баш соодветни да имаме принова, ама некако навикнаа на нас.
СОСТАНОК НА СВЕТИОТ СИНОД
Како се одолжи времето на пандемијата, изолација, полицискиот час, уредбите, наредбите, секојдневните партиски надмудрувања и удирања во гради кој е поумен и поголем патриот, така полека почнавме да забораваме зошто сме затворени во своите домови и полека почнавме да се изолираме од надворешниот свет. Единствената врска ни остана млекото и децата, кои ќе дојдат одвреме-навреме на ручек да го намалат количеството на зготвените специјалитети, затоа што се готви како во ресторан. Сè повеќе почнавме да создаваме свое ново секојдневие исполнето со мали ситни заборавени работи.
Утринската медитација е задолжителна пред вклучувањето во групата, кога преку конференциска врска се испива утринското кафе, а задолжителна е поради смирувањето на тензијата по непреспиената ноќ и изгледани четири филма, исчистена рерна, избришани плочки во кујната и пружени алишта. Дел од другарите веќе не ја ни симнуваат престилката, која е повеќенаменска и им служи како униформа, пижама, тренерка и крпа за раце, па точно можеш и без слика на Вибер да видиш, кој што готвел по дамките. Ниту еден не се бричи, па конференциската дружба полека почнува да личи на состанок на Светиот синод.
Денот полека се претвори во ноќ и ноќта во ден. Се избришаа границите меѓу нив, а со нив престанаа да постојат и работи што можеш да ги работиш само дење. Сега во кое било време од деноноќието бришеш прашина, готвиш, вклучуваш машина, читаш или едноставно гледаш во една точка, само за да го исполниш денот кој толку многу личи на претходниот, а по ништо нема да се разликува од следниот.
Од кога почна полицискиот час престана онаа лоша и грда навика од нејавување на телефон. Сега се сите дома и никој не може да каже „извини, бев на состанок“, ниту може да те откачи со „извини, имам многу работа“. Сега веќе не е чудно ако некој ти ѕвони на телефон и на полноќ, сега е многу чудно ако некој воопшто ти ѕвони на влезната врата.
Полека, но сигурно почнуваме да ги менуваме навиките и своето секојдневие и најинтересно е што на тоа нè натера многу ситна невидлива работа, нешто што не успеаја да нè натераат многу покрупни и посериозни работи.