Демократски, мирни и фер избори за нас ќе бидат најголемиот предизвик и тест во оваа 2024 годин, вели Трајан Гоцевски во интервју за Нова.мк.
Според него, продолжувањето на патот кон ЕУ останува како најтажното но и како најважно прашање и обврска за сите нас како општество бидејќи, како што вели, некому како да не му е јасно, во ЕУ се интегрира македонското општество како целина.
Не се интегрираат поединци такви или онакви групации или сектори, партии и слично, вели Гоцевски. ЕУ интеграциите, додава тој, бараат брз и решителен одговор без разлика кое парламентарно мнозинство по изборите ќе ја формира идната Владата.
„Ние влеговме во изборна година. ЕУ влегува во изборна година. И НАТО ќе избира Генерален секретар. САД, Руската федерација и Украина, исто така, се во изборна година и уште многу држави се пред таков чин. Според некои проценки над три милијарди луѓе излегуваат на избори во 2024-та година. Тоа е голем предизвик. Има голема неизвесност за тоа во која насока ќе тргнат големите политики. Во тој контекст е важно како ќе се одвива и нашата политика во Македонија.
Затоа, демократски, мирни и фер избори за нас ќе бидат најголемиот предизвик и тест во оваа 2024 година, а и потоа за тоа како и во која насока ќе се движиме по изборите. Затоа, според мене, политичката стабилизација на Македонија мора да стане приоритет број еден на целото општество. Поделбите по етничка, верска, партиска се опасни но исто така непосакувани се и поделбите во однос на ЕУ интеграциите. Поделбите воопшто и посебно на ЕУ линијата е лоша за нас како држава па дури и за нашата стабилност и за нашата национална безбедност“ наведува Гоцевски.
Според Гоцевски, единство тоа обединување кон стратешките долгорочни интереси на државата ќе биде тој меѓник од каде што ќе тргне нашиот пат кон иднината.
„Ако сме општество со созреан демократски капацитет, по овие три децении тоа мораме да го сфатиме и да направиме обединувањето да стане реалност во обем што е нужен и по прашањата кои се клучни за државата. Со тоа и нашата држава Македонија ќе станува реален фактор на регионалната и пошироката стабилност и безбедност онака како што тоа од нас го очекуваат нашите сојузници. Затоа верувам во тој процес, повикувам да се случи колку тој и да е болен за поединци или групации кои не и помагаат на стабилизацијата на државата, а кои реално ги има во македонското општество“ посочува Гоцевски во интервјуто.