Бардот на македонското глумиште Гоце Тодоровски (72), беше одликуван за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Орденот за заслуги му го врачи претседателот Стево Пендаровски, во болница, каде до вчера актерот беше хоспитализиран.
Денес, по еден месец минат на болничко лекување, тој е повторно во својот дом, со најблиските, а за ,,Фокус” вели дека добиеното одликување за него е круна на се што правел во животот.
-Се вратив од болница, каде што поминав цел месец, поради проблеми со тромбоцитите. Подобар сум, и ете доделувањето на Орденот од страна на нашиот претседател Пендаровски се случи баш во болница. Кога се слушнавме, му кажав дека сум во болница, но ќе се потрудам да дојдам, на што тој веднаш ми рече -Не, јас ќе дојдам кај тебе во болница!
Ми направи голема чест.
За чувството, што да ви кажам, се чувствувам како народен херој! Ова е мојата круна, верифицирано е се што сум направил во животот, од кој околу 45 години ги посветив на сцената. Уште додека се школував јас глумев, почетокот беше малку тежок, но потоа дојдоа улогите, една по една, и веќе навлегов во тој свет.
Кога станува збор за минутажа која сум ја минал пред камери, на шега знам да кажам дека ниту Џон Вејн и Марлон Брандо немаат стоено толку време пред камери. Над 500 епизоди од Македонски народни приказни, бројни улоги, претстави… Гледам дека се вртат инсерти на социјални мрежи, на Јутјуб, се прикажуваат мои сцени, драго ми е сето тој, тој траг кој што го оставив зад себе во сите овие години поминати пред камерите – вели популарниот актер и надарен комичар.
Околу народните приказни, чиј препознатлив лик е со децении, раскажува дека жали што останал без колегата Ванчо Петрушевски, кој почина пред неколку години, но и за други колеги кои повеќе не се меѓу живите, а со кои соработувал. Но, вели дека се тука младите колеги, а тој секогаш имал одлична соработка со сите.
-Заминав во пензија на 67 години, но сепак сум активен. Малку успоривме сите поради короната, ама за мене актерството е живот. Знам да кажам дека ќе глумам барем уште 30 години! Среќен сум што и покрај толку снимање, јас немав ниту една лоша критика, едноставно се препуштив и оставив актерството да ме носи низ животот. Кога некој како мене ќе се вложи целиот во таа своја љубов кон професијата, и кога вака ќе дочека едно највисоко признание да му биде доделено, тоа е гордост за мене, но и за целата моја фамилија која беше покрај мене, на секој чекор од патот.
Сопругата Тања, ќерката Сашенка, синот Гоце, внуката Марија, на сите роднини и мои блиски луѓе сум им благодарен за поддршката која ми ја пружаат. Со сопругата прославивме 49 години брак, наскоро не очекува и златна свадба, тоа се пет децении верба во мене, љубов и безрезервна поддршка во кариерата, но и на секое друго поле. Само здравје, имам уште многу да и дадам на публиката – ни раскажа истакнатиот актер.
Вики Клинчарова