ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Гоце или Даме – eден од нив мора да биде лустриран!

by fokus

Што ако во некоја нова верзија од Законот за лустрација се прошири до почетокот на минатиот век? Е, тогаш воопшто не е сигурно дали лустрациската метла нема да ги опфати Гоце Делчев и Даме Груев, бидејќи еден од нив според „бенч марковите“ на Лустрациската комисија мора да биде предавник, непријател или кодош, едниот не бил за кревање на востание, другиот бил „за“.

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Основната и единствена цел на лустрацијата требаше да биде преку законски утврдена постапка да се спречи учество во државните институции на лицата кои биле налогодавци и соработници на тајната полиција во комунистичкиот режим. Меѓутоа, веднаш се покажа дека тоа не е едноставен процес, бидејќи постоеја бројни правни и практични пречки за  успешно спроведување.

Ваквите тешкотии и дилеми во некои посткомунистики земји релативно успешно се надминаа и се постигнаа позитивни резултати, каков што беше примерот во Германија. Таму под притисок на дисидентите од бившата Германска Демократска Република се отворија архивите на тајната полиција ШТАЗИ и се спроведе најтранспарентен процес на лустрација.

Истото се случи и во Чехословачка каде беа формирани посебни комисии од инсајдери, претставници на граѓанското општество и од правни експерти, со што се овозможи максимална непристрасност во спроведувањето на тн. „тврда“ лустрација.

ПРОТЕРУВАЊЕ НА ДУХОВИТЕ ОД МИНАТОТО

Спротивно на овие два позитивни резултати, најлош пример за неуспешна лустрација претставуваше Унгарија, затоа што целата постапка се претвори во борба за власт и елиминирање на политички противници, па во десетина верзии на закони донесени во периодот од 1990 до 2004 година, лустрацискиот опфат варираше во зависност од тоа кој е на власт.

За разлика од овие примери на успешни и неуспешни модели, постоеше и трет кој може да се нарече „нешто помеѓу“, а таков беше случајот со Бугарија каде фактички вистинска лустрација не се спроведе.

Наместо тоа, се отворија архивите на цивилната и воената служба и се извршија проверки со голем опфат и имињата на лица за кои се утврди дека биле соработници јавно се објавија, но тие си останаа на функциите и немаше никаква пречка и во иднина да се кандидираат за јавни функции.

Истото се случи и со оперативните работници што ги врбувале соработниците кои можеа да се кандидираат и да заземаат највисоки државни функции (претседател, премиер, министер, пратеник и тн.).

Во другите посткомунистички земји законите за лустрација практично не се операционализираа. Главниот аргумент за пролонгирање или откажување да се донесе и спроведе ваков закон беше дека треба да се подвлече дебела линија под комунистичкото минато, затоа што бесмислено би било да се прави тоа по толку изминат период од тој систем.

Некои обиди пропаднаа поради противуставност во националните законодавства, односно спротивност со резолуциите на Советот на Европа, но вистинската причина беше во политичкиот опортунитет и проценката дека таков закон нема да претставува државен приоритет и национален интерес.

Во Република Македонија, иако со големо задоцнување, акцијашки се одлучи сепак да се тргне во протерување на духовите од минатото. Се започна со лустрација на соработниците и наредбодавците кои биле ангажирани воглавно на две проблематики – албанската емиграција односно албанскиот национализам и иредентизам, како и македонскиот национализам и екстремизам и  анархолиберлизам.

ОД ЛУСТРАЦИСКА МУТИРАШЕ ВО ФРУСТРАЦИСКА

Гоце или Даме – еден од нив мора да биде лустриран: Тенденциозноста со предумисла на иницијаторите и креаторите на актуелниот текст од Законот, како и необмислената леснотија на народните пратеници од владејачкото мнозинство да го изгласаат, освен на нивните задни намери, укажува и на недоволното разбирање на суштината на лустрацијата и претставува индикатор за непознавање на технологијата на функционирање и владеење на поранешниот еднопартиски тоталитарен систем.

Сите овие елементи резултираа со отсуство на било каква критичност и совест во што може да се изроди една ваква накарадна направија. Веднаш по донесувањето на Законот, толкувачите, експертите и слободните стрелци од Комисијата за лустрација се самопромовираа во „прек револуционерен суд“ кој под диктат на политичките наредбодавци тенденциозно и самобендисано започна пресметка со неистомислениците преку препрочитување, интерпретирање и „инвентивно“ толкување на оперативни материјали од тајните служби.

На тој начин, Комисијата од лустрациска мутира во фрустрациска, која отиде до таму што своеволно ја прошири листата на лица за лустрација надвор од законската рамка, како што се починати и пензионери, со што изврши тешка злоупотреба на службената должност.

Без претходно документирани цврсти докази и утврдена вина дали некој навистина свесно, тајно, организирано и континуирано соработувал со тајните служби во својство на таен соработник, оперативна врска или информатор, за што потпишал изјава и од таа соработка имал материјална или друга корист, Комисијата со надгласување изрекува јавни пресуди дали некој треба да биде на отстрел и прогласен за кодош или не и тоа јавно го обнародува.

На овој начин тие вршат бескрупулозно кршење на човековите права, станувајќи вулгарен римејк на удбашите од стариот систем, со што дополнително, свесно или не, самите се доведуваат во ситуација утре и тие да бидат жигосани и земени на одговорност.

МЕРИ ИМ ГО УМОТ И РАЗУМОТ

Волунтаристичките заклучоци, тенденциозно пресметани констатации, слободни убедувања, „креативни толкувања“ и надгласување за прогласување на кодоши без верификација на факти и без елементарна безбедносна култура и морал, претставуваат најголем corpus delicti за преиспитување не само на нивната морална, политичка и друга одговорност, туку и за сторнирање и забрана за отворање на досиејата за соработниците на тајните служби, со што конечно ќе се стави крај на вековниот синдром на македонското меѓусебно пресметување и самоуништување.

Во спротивно, ни нема спас, затоа што разумот уште повеќе ќе се поматува, патриотите и предавниците ќе се множат, внатрешниот и надворешниот непријател нема да спие, а ние смачканото племе во гнилата општествена заедница ќе продолжиме да се разјадуваме од внатре.

Токму таквата автоимуна болест беше причина Комисијата за лустрација да ги стигматизира како кодоши „Ветеринар“ и „Корбизије“. Првиот затоа што давал информации за странски дипломати и здруженија на граѓани кои вршеле погрчување и романизирање на македонските Власи, а вториот затоа што ја информирал Службата за ставовите на палестински студенти во Скопје во врска со значајни акции што ги преземале арапски командоси.

Посебен апсурд претставува случајот со лустрирањето на поранешен директор од Струмица, за кого Комисијата не утврдила дека кодошел, туку нашла само една изјава од инспектор во која пишувало дека таргетираниот директор не бил соработник, ниту човек на Службата. Значи, тој директор лажел, а не кодошел, па сосема е нејасно како Комисијата го прочитала ова „досије“ и како заклучила дека треба да го лустрира.

Ексклузивен е и случајот на лице со 35 – годишен судиски стаж чија лустрација била нарачана од вискок функционер, затоа што „правел многу проблеми“. По добивање на решението, судијата се обратил до Управата за безбедност и контраразузнавање од каде што добил писмен одговор дека во нивната евиденција немало документација за него.

Меѓутоа, тој сепак бил лустриран, по што Судскиот совет го суспендира иако Законот не предвидува таков услов. Подоцна, откако Вишиот управен суд ја потврдува одлуката на Комисијата, судијата е разрешен. Апсурдно и бесмислено, оди, па мери им го умот и разумот.

Па тие, мили браќа и сестри, утре сосема ладнокрвно и со умисла можат да прогласат за кодош и некој кој свесно или случајно дошол до сознание дека одредена странска служба односно нејзин припадник подготвувал активност која ќе ги загрози интересите на Македонија.

АПСУРДНО, ШАШАВО И ЗАБЕГАНО ДИБИДУС

Во иста ситуација може да се најдат и добросовесни граѓани кои дојавиле на Службата дека располагаат со информација за некоја терористичка група која подготвувала напад или, пак, познат наркобос организира трансграничен шверц на наркотици.

Комисијата „издржано и генијално“ би образложила дека овие „кодоши во обид“ ги прекршиле човековите права на приватност на странскиот агент, терорист или наркобос и на тој начин се изложиле на ризик да бидат лустрирани. Апсурдно, шашаво и забегано дибидус, зарем не?

Ама, Господ да чува и од побетер! Што ако во некоја нова дополнета и изменета верзија од Законот за лустрација се продлабочи и прошири временскиот период до почетокот на минатиот век? Е, тогаш воопшто не е сигурно дали лустрациската метла нема да ги опфати Гоце Делчев и Даме Груев, бидејќи еден од нив според „бенч марковите“ на Лустрациската комисија мора да биде предавник, непријател или кодош, едниот не бил за кревање на востание, другиот бил за.

Исто така може да се лустрираат како предавници на народот свој по командна одговорност оние кои биле против да се оди на Солун наместо на Срем, а по таа логика веројатно со групен портрет и сите членови на АСНОМ, а можеби, зошто да не, и оние кои се согласија Македонија да влезе во ООН со референца наместо со уставното име, како и актерите што го потпишаа Рамковниот договор и тоа во рамка со мал портрет?

Македонија и сѐ е можно! Апсурдното поимање, глорифицирање и убедување само поради фактот што секоја соработка со Службата се прогласува за незаконска и неприфатлива. На тој начин соработниците кои погрдно се ословуваат кодоши, априори се перцепираат како лица кои се занимаваат со незаконски, нечесни и неморални активности со кои на други им нанеле штетни последици и душевни болки.

Површните, погрешни и волунтаристички претстави резултираат со стигматизација на соработниците кои по дефиниција се виновни за сите небиднини и затоа неизоставно и без пардон треба да се разобличат, понижат, јавно прокажат, па дури и казнат.

Таквата пизма кон нив и тајните служби го проширува кругот со опфат на многу професии и занимања (директори, професори, академици, писатели, новинари, адвокати, судии, актери и режисери, попови и оџи и уште голем дел од списокот во Националната номенклатура на занимања и дејности), со единствена цел да се ослободи од нивното влијание и авторитет во општеството бидејќи се неистомисленици со владејачката гарнитура.

Продолжува: Сѐ е исто – УДБА и КОС божем ги нема, ама само името е ново (3)

Поврзани новости