Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара СДСМ и останатите политички партии да се изјаснат во врска со Декларацијата што партијата ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
„Ги повикувам СДСМ и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност, рече на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.
За СДСМ, Декларацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е политичко подметнување од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се продлабочат поделбите во македонскиот народ и оди на штета токму на неговиот лик и дело. Од партијата бараат ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече Декларацијата и, како што велат, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес.