Готови се резултатите од обдукцијата на професионалниот војник кој во саботата рано наутро почина токму кога требал да замине од стражарското место каде извршувал работна задача во воениот објект Еребино.
Од Институтот за судска медицина усмено ги соопштиле резултатите и причината за смртта на 37-годишниот професионален војник, но оттаму изјавија дека не смеат да ги соопштат резултатите додека не биде изготвен финалниот извештај. Одговор не успеавме да добиеме ниту од тетовското Јавно обвинителство, од каде ни побараа преку пошта да испратиме официјално барање.
Армискиот портпарол Мирче Ѓорговски пред два дена соопшти дека на војникот му се слошило, по што со армиско возило веднаш од Еребино бил пренесен во Клиничкиот центар во Тетово каде само му се констатирала смртта. Ѓорговски потенцира дека војникот бил примен здрав на работа и редовно ги посетувал систематските прегледи и ги дематира информациите дека војникот починал од прегумерен ангажман.
Она што фрли сомнеж на случајот беше фактот што два дена Министерството за одбрана не ја соопштуваше веста за починатиот војник. Од АРМ изјавија пак дека информацијата не ја криеле, туку чекале да заврши обдукцијата.
Сега, откако е завршена обдукцијата, се уште не се кажуваат јавно причините за смртта.