Готов е ДНК профилот на трупот најден кај Матка, ќе се утврдува кое е лицето кое било закопано

by Frosina Fakova

Изработен е ДНК профилот на безживотното тело кое викендов беше најдено кај Матка, дознава „Фокус“.

Врз основа на податоците на Институтот за судска медицина каде телото беше предадено на обдукција и каде беше изработен ДНК профилот, ќе се прави идентификација, односно утврдувањето на идентитетот на лицето во Министерството за внатрешни работи. Идентификацијата треба да даде одговор кое е лицето кое било закопано кај Матка.

Телото кое беше во фаза на распаѓање го најдоа полицајци на 15-ти мај попладнето, додека патролилале на планинското подрачје. Тие најпрво забележале човечки череп од маж закопан во земја, а утврдено било дека смртта била насилна, а сомнежите се дека станува збор за убиство. Сепак официјалната истрага на Обвинителството треба да утврди дали станува збор за убиство, самоубиство или несреќен случај.

Според официјалнта верзија на Јавното обвинителство телото било најдено на местото викано Осој во атарот на селото Чајлане, во близина на патот кон Националниот парк „Јасен“.

Местото веднаш било обезбедено, а увидот се вреше следниот ден од утринските часови. Таму беше јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, увидни екипи на Министерството за внатрешни работи и увидна екипа на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

До Основното јавно обвинителство Скопје до овој момент не се пристигнати резултатите од наредените вештачења и испитувања на ДНК профилот, велат од Обвинителството.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости