Гостите во кафеани да доаѓаат со негативен тест и маски, за музичарите да можат да пеат

by Fokus

Сопственикот и управител на Универзал Продукција, Иванчо Митев, тврди дека има решение за музичарите во земјава, кои поради актуелната пандемија не смеат да настапуваат во локали. Според него, најпогодни од кризата се токму музичарите, угостителите и продуцентите, и сметал дека случувањата со вирусот се еден вид на економска војна во која најмногу настрадале естрадните уметници.

-Мојот конкретен предлог за решавање на оваа состојба е сите коишто ќе бидат присутни во рестораните да носат заштитни маски и ракавици, или евентуално, пред влез во ресторан гостите да покажат негативен тест. Погодени сме од ситуацијата, властите забранија секаков вид на јавни настапи, а не е исклучена можноста и одредени градови да бидат ставени во карантин. Која е поентата од сето ова? Никој не знае со сигурност, па да излезе во јавност и да каже. Јас јавно апелирам премиерот Зоран Заев, заедно со министрите и советниците да излезе и да каже какво друго решение се нуди, како може уметниците да работат и да заработуваат за живот од шоу бизнисот? –прашува Митев.

Додава дека некои негови колеги и соработници, кои целиот живот живееле од музички настапи, биле приморани сега да работат за 14.000 денари месечна плата.

-Некои од нив се вклопија во новите работни места, ете ги, уште се во работен однос во одредени фирми, ама поголемиот дел од музичарите сега се оставени без ништо, на милост и немилост! Мојата продукција започна преговори со една згасната национална куќа, планиравме да ја рестартираме и да започне да зрачи нов специјализиран национален канал од музички карактер, дури и договорите беа спремни. Не се потпишаа поради корона вирусот. Со познати музички имиња од Македонија одлучивме да формираме компанија, односно музичка телевизија на национално ниво, но сето тоа згасна. Мора да му се стави крај на ова, извршната власт мора да изнајде начин да и се помогне на оваа бранша – појаснува продуцентот.

Вели дека пред три месеци, по долги 12 години на чекање добил син, но поради целата ситуација не го прославил неговото доаѓање на свет.

-Мора да се најде прифатливо решение за да продолжиме со работа, да се осмисли некоја стратегија за да музичките работници кои се образувале со цел еден ден да живеат од музика, не бидат приморани да работат за 14.000 месечна плата. Мислам дека мојот предлог гостите да седат со маски и ракавици во ресторан, или пак да приложат негативен тест при влез во локал, имаат логика. Ако не, тогаш власта нека најде друго прифатливо решение, за да продолжиме со нормален живот – порача Митев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости