Гостите од странство продолжуваат со концерти во Хераклеа, по Грашо доаѓа Галија!

by fokus

Популарниот српски бенд Галија ќе одржи акустичен концерт во Хераклеа, Битола, на трети септември.

Концертот е насловен ,,Акустично како некогаш”, а ќе започне во 21 часот. Бендот ќе ги изведе старите хитови од богатиот репертоар, во акустичен формат, нешто кое го практикува за време на настаните уште од минатата година.

Влезниците се продаваат онлајн по цена од 500 денари, а на најавата за концертот е наведено дека генерален покровител е Општина Битола. Нема информација колку влезници ќе бидат пуштени во продажба.

Во античкиот театар Хераклеа во Битола пред четири дена се одржа концерт и на хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо, кој се најде во центарот на вниманието на јавноста поради очигледното непочитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Над две илјади, наместо предвидените 600 посетители, турканици, гости без маски кои се журкаа како во времето пред корона вирусот, беа причина надлежните институции да реагираат, и против организаторот Прагма продукција е најавен соодветен поднесок од страна на Државниот пазарен инспекторат.
Според надлежната служба, на почетокот на концертот на Грашо се почитувале препораките за заштита, додека по некое време од концерт, настанот се претворил во журка.

За да нема повторување на случајот со концертот на Петар Грашо, јавноста апелира на засилени контроли за време на музичките настани, кои неретко излегуваат од контрола и го загрозуваат јавното здравје.

Вики Клинчарова

Поврзани новости