Гостите на свадбата во Кочани се затруле од пилешките пирошки

by fokus

Присуство на ентеропатогени бактерии е откриено при анализата на примероци од храната со која беа затруени пет лица од кочанското село Тркање. Од Центарот за јавно здравје од Кочани потврдија дека мострите што се испитани биле неисправни за исхрана.

-Резултатите покажаа присуство на голем број бактерии од видот салмонела ентеритидис и ентеробактериаци во веќе подготвените, како и во смрзнатите пирошки со пилешка шунка, кај филот за пирошки и кај смесата од јајца со презла. Единствено исправни за употреба се пирошките со свинска шунка, рече директорката на Центарот за јавно здравје од Кочани, Магдалена Манасиева.

Резултатите од испитувањата веќе се доставени кај надлежните инспекциски служби, кои го затвориле објектот каде се подготвувала храната, а се најавуваат и соодветни законски санкции.

Од Инфектолошкото одделение во Клиничката болница во Штип, потврдуваат дека е стабилна здравствената состојба на затруените лица и дека официјално нема пријавени нови случаи на труење.

Пирошките што го предизвикале труењето биле послужени на свадбена свеченост во угостителски објект во Кочани, а биле подготвени од истата фирма што пред две седмици дистрибуираше храна и во Штип, каде беа затруени шеснаесет лица.

Поврзани новости