ГОСПОДИНЕ ПРЕМИЕРЕ, ПРОВЕРЕТЕ ШТО Е СО ЕВРОПСКАТА ПРОГРАМА „LIFE“

Вкупната вредност на програмата е 2,3 милијарди евра за следните 3 години, а се однесува на остварување на целите на ДОГОВОРОТ ЗА ЗЕЛЕНА ЕКОНОМИЈА, за чија примена Северна Македонија има преземено обврска.

by fokus

Пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

1.

Програмата „LIFE“ на ЕУ е една од клучните европски програми, покрај програмата „Хоризонт Европа“, за периодот 2021 – 2027 година, преку која се финансираат програми од областа на климатските промени, енергетската ефикасност, на транзицијата кон чиста енергија, циркуларната економија и природа и на биодиверзитетот. Од исклучителна важност е Република Северна Македонија да изрази интерес и да пристапи кон европската програма „LIFE“, со што македонските компании ќе имаат можност да аплицираат на повиците кои веќе се објавуваат.

Стопанската комора веќе 10 години наназад реализира проекти за енергетска ефикасност на зградите во рамките на BUILD UP SKILLS, преку европските фондови, па како континуитет на овие проекти од исклучителна важност е приклучувањето на Северна Македонија кон програмата „LIFE“. Во тек е повик за проекти што се доделуваат на национално ниво, на сите европски земји кои реализирале претходни проекти, а сѐ со цел да се постават нови таргети до 2050 година. Стопанската комора веќе има поднесено апликација. Останува уште македонските државни институции да ги заокружат процедурите со кои ќе стекнеме право на користење на овие фондови.

Во изминатите години Стопанската комора координираше и спроведуваше неколку проекти на Европската Унија, меѓу кои од особено значење е проектот на ЕУ „Одржливи енергетски вештини во градежништвото“, во рамките на програмата „Хоризонт Европа“, со што ние сме единствената институција во Македонија во рамките на програмата „Хоризонт“ која координира меѓународен проект во кој партнери се 10 меѓународни институции.

2.

Има едно прашање кое во Комората се третира десетина години, а моите најнови информации зборуваат дека е започната процедурата за негово решавање. Тоа е историскиот член 218 од Законот за извршување, со кој се уредува дека врз предметите и врз правата на државата и на нејзините органи не може да се спроведе извршување наплата на парични побарувања, доколку се тие неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, предмети и права што се неопходни за дејноста на должникот.

Членките постојано нѐ информираат дека во изминатите години таа одредба на Законот се злоупотребуваше на штета на компаниите, утврдувајќи дека неопходните предмети и права над кои не може да се спроведе извршување се и паричните средства. Забележани беа и апсурдни ситуации во кои средствата наменети за одржување фестивали, за ангажирање консултантски куќи и за изградба на фонтани влегуваа во оваа група. Ваквата пракса директно задира во начелото за правната сигурност и за еднаквата правна положба на субјектите.

Работната група која во рамките на Министерството за правда работи на оваа проблематика, а каде што има и наш член, информира дека во работната група е постигнат консензус за регулирање на ова прашање како што предлагаме ние, а кое е во согласност со интересите на бизнисот. Затоа чувствувам слобода да Ви предложам да ги поддржите овие настојувања, кои ќе значат голем напредок за македонскиот бизнис и поттик за успешно работење во овие тешки услови.

ПР текст

Поврзани новости