Филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше оценуван од жирито на „Берлинале“ во Германија, при што доби одлични првични резултати.
„Нашиот филм моментално се наоѓа на врвот на листата на жирито, заедно со Öndög на Ванг Куанан, со просечна оцена од 2,8, иако „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го очекуваат уште два резултати, со што веројатно e дека ќе се искачи на самиот врв.
Инаку Screen Media за сите престижни фестивали, од рангот на Берлин, Венеција и Кан, повикува 7 најдобри новинари-филмски критичари од целиот свет кои заедно со уште еден филмски критичар од Screen International ги оценуваат филмовите на скала од 0 (многу лошо) до 4 (одлично). Годинешната жири комисија е сочинета од реномирани новинари од филмската фела од престижните медиуми Dagens Nuheter – Шведска, Frankfurter Allgemeine – Германија, Film Art – Русија, Die Zeit – Германија, The Paper – Кина, The Morning Star – Велика Британија, Segnocinema – Италија и еден филмски критичар од самиот Screen International.
Нашиот филм доби мешавина од оценки, меѓу кои и највисоката четворка Паоло Бертолин од „Сегносинема“ што во моментов го рангира на првото место, а пак по добивање на оценките и од Шведска и Кина, неминовно е дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и ќе остане највисоко на оваа престижна листа“, велат од тимот на филмот.
Инаку, Screen International е реномиран британски филмски магазин кој ја покрива меѓународната филмска индустрија. Наменет е првенствено за оние кои се инволвирани во глобалниот филмски бизнис, а датира уште од 1889 година кога бил основан под името “Optical Magic Lantern and Photographic Enlarger”.
Истиот објавува дневни публикации и критики од филмските фестивали и пазарите на Берлин – Германија, Кан – Франција, Торонто и Онтарио – Канада, американските филмски пазари во Санта Моника, Калифорнија и Хонг Конг.