Денес во Кавадарци беше поставен камен темелникот на Мала Америка, проект на инвеститорот Трајче Ристов – Зуко, со кој општината ќе добие мол според светски стандарди, како и станбени згради.
На настанот присуствуваше Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел, кој пред присутните изјави дека Трајче, кој живее во Америка, не ги заборавил своите корени, детството и младоста поминати во Кавадарци, па затоа се решил да инвестира во родното огниште.
-Се радувам што Господ го благослови, што го повика од далечната Америка во своето родно место да изгради еден прекрасен објект. Објект каде ќе се сместат многу млади брачни парови да живеат, каде Македонци од цела Македонија ќе доаѓаат во шопинг – истакна Митрополитот Агатангел.
Градоначалникот Митко Јанчев порача дека Кавадарци се испишува во градовите со мол и со повисок стандард на живеење, каде со отворањето на молот и младите добиваат нови шанси, односно имаат перспектива да останат во Кавадарци.
-Ако до пред седум години, Кавадарци не го даваа ниту на временската прогноза, денес имаме информација за Кавадарци и на СНН. Тоа е успех за сите нас.
Инвестицијата на Трајче за Кавадарци значи многу. Со оваа инвестиција од 35 милиони евра, Кавадарци станува центар на Тиквешијата и од околните градови ќе можат да доаѓаат и да не посетуваат.
Трајче е еден од ретките кој излегол од Македонија, успеал, и имал визија, доверба и храброст, своите пари да ги врати во татковината и да ги вложи во нашата држава. Тоа значи дека имал доверба во Општина Кавадарци – порача Јанчев.
Комплексот има околу 65.000 метри квадратни. Инвеститор е Тиквеш Инвест, сопственост на Ристов, проектант е К2 Архитекти – Скопје, а изведувач е кавадаречката фирма Градба Промет.
Вики Клинчарова