Владата треба да знае, бездруго и опозицијата, дека најскап производ е оној што го нема. Со административните интервенции во областа на цените, таа се однесува како слон во продавница на порцелан. Во нив нема ништо темелно обмислено, вели за „Фокус“ поранешниот министер за финансии и гувернер на Народната банка Петар Гошев.
-Како да реагираат луѓе во паника, опседнати со емитирање на популистички сигнали. Се води натпревар со опозицијата, која секогаш предничи, кој ќе исплука поглема и поштетна популистичка плуканица. Мерките за смирување пак или ублажување на инфлацијата не сметат да бидат контрадикторни: едни да се насочени кон нејзино смирување, други кон нејзино забрзување. Во Македонија, во моментов, токму тоа се случува, истакнува Гошев.
Според него, во моментов, со зголемена инфлација и последиците од неа, кои траат веќе две години, се соочуваат најголемиот број држави во светот. И, сите влади се критикувани, додава тој, зашто насекаде е нападнат животниот стандард и „вообичаеното спокојство“ на граѓаните – некаде повеќе, некаде помалку.
Кога веќе се очекуваше, вели тој, да започне процес на смирување на растот на цените на светските пазари, еруптираше агресијата на Русија врз Украина и последиците од неа, како дополнителни нарушувања на пазарите.
– Кој и да беше на власт во моментов во Македонија ќе беше критикуван, зашто не ќе можеше ниту приближно задоволително да им парира на шоковите кои ги произведуваат растот на цените и кусоците во снабдувањето на пазарот со потребните производи. Всушност, никој не успеал, истовремено, и да ги скроти инфлаторните притисоци (особено кога се повисоки) и да не се случи оштетување на животниот стандард на мнозинството граѓани. Тоа не значи дека сите подеднакво би биле „трапави“ во реакциите за подобро амортизирање на последиците. Но, генерално, во наследената состојба во Макеедонија, креирана со децении, простор за „спектакуларни“ потези и мерки не постои, вели Гошев.
Како што појаснува тој, каналите преку кои доаѓа нападот на стабилноста на домашниот пазар (преку цените и кусоците производи) се пред се пореметената состојба во секторите на енергетика и храна на светските пазари.
-Тие пореметувања директно ги увезуваме, зашто токму во овие сектори јазот меѓу домашното производство и увозот е огромен. На краток рок несовладлив. Значи, не е неточно, кога се вели дека денешната инфлација и метеж на домашниот пазар се увезени однадвор. Но тоа, пак, за жал, значи дека и смирувањето на инфлацијата и нормализирањето на снабдувањето на домашниот пазар исто така, пред се, ќе зависи од моментот на нормализација на истите сектори кај „остатоток на светот“ – а јасно е од што тоа зависи: ставање под контрола на пандемијата и престанок на руската агресија врз Украина и нормализација на односите во Европа (или, светот, пошироко) што воопшто не зависи од нас, додава Гошев.
Исто така, според него, еден од факторите е и фискалниот капацитет на државата, особено за интервенции во вакви ситуации – економската политика со години се водела на многу неодговорен начин, популистички расфрлања на пари, коруптивни зделки, превработеност на јавната администрација итн.
-Јавнит долг во 2007. изнесуваше некаде околу 25 проценти од БДП. Никола Груевски го искачи на близу 50-тина проценти. Зоран Заев и наследниците, иако повеќе диктирано од околностите (пандемијата), го дотуркаа до над 60 проценти од БДП, вели гошев.
Тој појаснува дека тоа значи дека е стеснет просторот преку зголемување на јавниот долг да се интервенира и кон компаниите за да ја издржат кризата, но и кон загрозениот дел од населението за некако да преживее.
-Во услови на повисока инфлација, вистина е дека буџетот ќе „ќари“ повеќе номинални приходи (на сметка на оние на кои им должи државата и вистина е дека номинално ќе собере повеќе пари поради инфлаторно зголемена основица врз која се плаќаат јавните давачки. Но, не верувам дека тоа многу ќе компензира од вкупните штети кои доаѓаат од светските пазари и продолжувањето на домашната неодговорност во управувањето со јавните ресурси, вели тој.
Како што појаснува Гошев, даночниот систем не врши соодветна корекција на дистрибуцијата на доходот изведена преку примарниот пазар зашто тој (со сите инхерентни слабости) дополнително е девастиран од гангстерскиот капитализам кој доминира во Македонија, во кој однапред се знае во чии раце ќе заврши главниот плен – не според вештините за пазарен натпревар, туку според вештините за узурпација на системот, клиентелизмот, нераскинливото братството меѓу политичките и другите тајфи.
-Даночниот ситем во Македонија, де факто е регресивен: сиромашните плаќаат со повисоки проценти даноци и други јавни давачки во однос на приходите во споредба со богатите. Социјалните трансфери кон нив, кои како политички поткуп им се исплаќаат, со кафени лажичиња, не им компензираат ништо особено. Затоа, острилото на инфлацијата, пред се, нив ќе ги сосече, оние со фиксни и особено ниски приходи, предупредува Гошев.
Како што додава тој, мерките кои ги презема владата во овие две години, се мошне измешани. Еден дел од нив помогнаа да се спасат извесен број работни места (на сметка на зголемување на јавниот долг во чија отплата повеќе партиципираат посиромашните слоеви отколку побогатите), а друг дел прилично ја комлицираа ситуацијата.
Соња Танеска