Гошев за договорот со Грција: Клучните одредници на нашиот колективен идентитет не се загрозени

by fokus

Договорот Ципас-Заев е уште еден чин на доминација на моќта над правото и праведноста, од една страна, и на долгогодишното некомпетентно управување со нашата земјата од страна на владеачките елити кои продефилираа во изминатите 27 години, од друга страна. Ако не можевме да ја победиме далеку помоќната Грција, сигурно е дека можевме да не ја истоштиме Државата толку многу, да не им сервираме на соседите и другата, релевантна ’меѓународна заедница’ толкава ранливист на нашето општество која речиси недвосмислено ги наведуваше на заклучокот дека ете, секој момент може да се распаднат.

Вистинска иронија е деновиве, кога по кој знае кој пат, оние кои буквално ја клекнаа земјата на коленици – да не речам ја легнаа на грб, кои ја претворија во де факто протекторат, кои со невидена непромисленост, незнаење и алчност ги урнисаа и најминималните потпирачи на суверенитетот на Земјата (сватен и во неговата екстремна форма на условеност од взаемната поврзаност и зависност со остатокот на светот) – денес повторно наводно ‘ги бранат’ достоинството и суверените права на нашата (нивната) држава.

Каква преговарачка позиција може(ше) да има земја од која реки народ се иселија и иселува (поради сиромаштија, екстремна економска и политичка нееднаквост, долготрајно чувство на бесперспективност) во која политичките елити со години не се способни да разрешат ниту едно внатрешно прашање без надворешно медијаторство, во која киднаперите на институциите не се либат и од режирање крвави конфликти само за да ја задржат власта и привилегиите од неа. Каква преговарачка позиција може(ше) да има земја за која целиот релевантен свет дозна колку нејзините политички функционери се корумпирани, кон какви хазардни игри прибегнаа во создавањето вистинска конфузија со идентитетските прашања врз основа на лаги, непознавање на сопствената историја, навлегување во туѓи, помоќни атари, демонстрирајќи му на светот дека тие наводни ‘патриоти’ крадат туѓи идентитети за да си изгледаат пред сопственото огледало помоќни, повредни и да ја ‘ипресионираат, или засенат простотата’ (што би рекле нашите северни соседи), само и само да добијат или останат на власт.

Во такви услови, всушност, треба да се оценува постигнатиот договор меѓу владите на двете држави. Ако го ставиме за момент целото 27-годишно понижување, изживување над една мала држава која де факто никого не може да загрози, никому не може ништо (во суштина) да му украде ( и да сака), во услови кога западната демократија е во голема криза, каде што зборовите „западни вредности“ се повеќе магла за да се прикрие новата етапа на оживување на Хобс-ијанството, доминантноста на критериумите ’моќ’, ’воена, економска и политичка сила’, ’себични национални интереси’- тогаш Договорот е дури и подобар од можниот во дадениве околности.

Не потценувајќи го ниту трошка трудот на преговарачите, можеби треба да сме благодарни и на акумулацијата на настани/околности на пошироката политичка сцена, кои, најверојатно, ублажија дел од последиците на нашата домашна, неизмерна глупост, арамилак, простаклак, мрзливост, самодеструкција.

Што е за нас клучно во понудениот Договор, што впрочем, со право, доминира како аргумент од страна на преговарачите и јавноста која поразумно му приоѓа на прашањето? Клучните одредници на нашиот колективен идентитет не се загрозени, иако Грците се потрудиле да ни стават узди кои нема да ни дозволат да митологизираме како досега (наспроти фактот што нема нација што не митологизира, а особено нашиот Јужен сосед). А тоа, нели, беше најважното прашање и за актуелната власт и за доскорешната партија на власт, сега во опозиција, но очигледно (иако ништо изненадувачки) само додека и таа беше на власт.

Не е неточно, ако признаеме дека членовите 7 и 8 од понудениот Договор се прилично претерување, во одредени позиции до невкус и навреда. Во нив има одредби кои не можат да се бранат со никакво меѓународно право. Тие се само грчко “разбирање“ на меѓународното право. Но, жолчните критичари на договорот, претежно приврзаници и членови на партијата која единаесет години ја ограбуваше и изолираше Македонија од остатокот на светот, нека се запрашаат, ако имаат трошка доблест, дали овие членови (7 и 8), како и некои одредби поврзани со преамбулата на Уставот, ќе беа токму вакви доколку претходната гарнитура на власт не ги играше играриите на водење инает со сите и не навлегуваше во туѓи културолошки дворови? Затоа, нам, денес, имајќи ги предвид клучните одредби поврзани со идентитетот и отстранувањето на клучниот услов за зачленување во НАТО и ЕУ, ни преостанува само да се запрашаме: дали тие претерувања вредат да го растуриме Договорот, во услови кога нам тоа помалку ни одоговара и кога со сите сили, како држава, работевме да го демантираме Глигоров кој, јавно прогнозираше дека “времето работи за нас“?

Што се однесува до ново предложеното име, ’Република Северна Македонија’: тоа е подобро, или најмалку лошо (за македонските зилоти) од сите варијанти кои беа во игра. Добро е што се напуштија некои, најблаго речено, “забавни“ варијанти, како на пример “Илиндити“ и сл. Всушност, ниту една географска додавка сама по себе не го менува идентитетот на народот, без оглед на местото каде таа во склопот на целото име се сместува, иако на оваа тема имаше безброј дискусии. Таа егзибиција е корисна за домашните политички буништа на двете држави.

Додавката на името е во согласност со прифатеното од страна на гарнитурата на Глигоров: а тоа е, Република Македонија не го монополизира поимот Македонија, зашто, нели, Македонија на Филип и на Александер се протегала на поширок простор, што е факт, како што е факт дека ние го населуваме северниот дел од таа некогашна империја. Ако сме го прифатиле тоа, односно тоа го прифтиле нашите претходни државни гарнитури, сегашната корекција на името е во согласност со тоа што на почетокот на деведесеттите е прифатено: дека ќе прифатиме име кое појасно ќе направи дистинкција од регионот кој Грците, со задоцнување, им текна да го експлоатираат како Македонија, за, наводно, некој да не им го украде античкото наследство (се разбира не е само тоа во прашање), колку и да е дубиозно таквото тврдење за присвојување како на тоа, така и на било кое друго историско наследство.

Дотука Македонските зилоти, лажни и вистински, немаат многу аргументи да се противат на изнудениот Договор. Затоа тие го свртеа нападот врз употребата на името во границите на државата – т.н “домашна употреба“ на името и следствено, за таа цел, промената на Уставот.

За тоа прашање јас имам зборувано уште на почетокот на деведесеттите, кога впрочем започна оваа голгота, не знаејќи дека го споделувам ставот на големиот социолог, кој почина минатата година, Зигмунд Бауман, кој, сега по сеќавање, го парафразирам. Имено, тој вели (во една од неговите последни книги, ’Ретротопија’) името на една личност е дел од идентитетот на таа личност и тоа му служи за идентификација наспроти сите други индивидуи кои за таа личност се ’надворешен свет’ со кој тој субјект комуницира и влегува во различни односи.

Името на државата е идентитетско обележје само во однос на други држави, како свет надвор од таа држава, која исто така влегува во различни видови на комуникација и соработка. Затоа, интересна ’занимливост’ е (и покрај многукомпонентноста на категоријата ’идентитет’) државите да имаат едно име за “внатрешна“ употреба, а друго за идентификација со другите држави – со надворешниот свет, колку што е бесмислица една личност да има име за таканаречена “внатрешна употреба“ – веројатно сама себеси да си се ословува кога се бања во купатилото.

Секако дека знам колку Грците си имаат наденато имиња, како и некои други држави. Така што, и ова прашање, кое долго го повторуваше и денешната власт, повеќе е прашање за домашните политички буништа (за полесно да се сварат широките слоеви на општеството, односно избирачите кои треба да гласаат на наредните избори) отколку што вистински претставува, или спасува некаква суштина, во случај да не беше оспорено со Договорот.

Да го симнеме ова прашање од дневен ред, за да немаме изговори како другите не ни даваат да се развиваме.

ПЕТАР ГОШЕВ

Поврзани новости