Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев смета дека последното менување на дефиницијата на јавниот долг е продолжување на насилството кое го практикува власта и потегот го смета како тешка патологија. Гошев денеска учествуваше на дебатата за новите уставни промени вo ГЕМ клубот во Старата скопска чаршија, на која беа присутни и професорот по уставно право Светомир Шкариќ, професорот Абдулменаф Беџети, пратеникот на СДСМ, Кире Наумов и судијката Маргарита Цаца – Николовска.
Гошев всушност ги коментираше новите промени на Законот за јавен долг со кои се менува дефиницијата на јавниот долг, со што најверојатно ќе се намали процентот што задолжувањето го зафаќа од македонското БДП. Промените ќе се воведат експресно, по скратена постапка откако вчера влегоа во собраниска процедура.
– Со новиот начин на пресметување на јавниот долг тој нема да биде споредлив со јавните долгови на другите земји кои се водат според дефиницијата на ММФ и на Светската банка. Тоа е тешка патологија, тешко насилство – дециден беше Гошев.
За промените на законот се изјасни и пратеникот од редовите на СДСМ, Кире Наумов според кој новата дефиниција за долгот криминално и шверцерски се турка во Собранието.
Панелистите говореа и за уставниот амандаман кој овозможува формирање на слободни финансиски зони во Македонија.
Гошев тврди дека Владата овие зони не ги дефинирала децидно и тоа, според него, не е случајно.
– Предлагачот е свесен за проблематичноста на ова решение и самиот постапно ни ја готви манџата – коментираше ексгувернерот.
Тој смета дека слободните финансиски зони ќе бидата отстапување на територијата на Македонија на странски фирми од кое ние како држваа ќе немаме корист.
– Тоа ќе биде држава во држава. Сите знаеме дека Американците ја купија Аљаска од Русите за одредена сума и тоа се испостави дека е нивната најдобра инвестиција досега, со оглед на природните богатства што ги има овој предел. Нашиов Никола планира да отуѓи дел од територијата на Македонија и тоа беспари. Од зоната нема да собираме даноци и не се знае дали ќе добиеме барем трошки од тој бизнис. Со зонат ѝ се ставаме на услуга на меѓународната финансиска мафија. Ние нема да имаме корист од неа, ќе бидеме само измеќари и со тоа не можете да градите репутација во светот. Впрочем, не можете да градите репутација со Субрата Рој, Контоминас и со Газда Нини – поентираше Гошев.
Кире Наумов смета дека со расправањето за уставните амандамни се влегува во замката која ја фрла власта за да се оттргне вниманието од одредени теми, како на пример, аферата со „Македонска банка.“
– Јас бев еден од оние што сметаат дека не треба да се влегува во оваа замка, ама едноставно не може да се молчи. Мислам дека со финансиските зони влегуваме во шемата на кумско-партиската олигархија која има проблем да ги врати парите извадени од Македонија. Мислам дека веќе и се знае територијата каде ќе биде зоната, еве на пример, можеби некаде во мариовско – изјави Наумов.
Претходно за зоните говореше и професорот по уставно право Светомир Шкариќ. Според него тие се и најголемиот проблем во сетот уставни промени бидејќи како што рече тие се во коализија со преамбулата и со темелните вредностни на уставниот поредок на Република Македонија.
– Дрско и арогантно предлагачот кажува дека во меѓународната финансиска зона „даночното, комерцијално-деловоно работење и граѓанско право нема да се применуваат“. Нема да се применуваат ни уставното, ни меѓународното право. Во зоната ќе се применува посебна правна регулатива, освен прописите од областа на кривичното право на Република Македонија. Но и тие нема да се применуваат во целост. Надвор од примена ќе биде и судското право, зоната ќа има свои судски и регулаторни органи и сама ќе ги решава споровите во рамките на зоната. Ќе биде држава во држава и ако се усвои овој амандаман Македонија ќе престане да биде суверена и унитарна држава – смета Шкариќ.
Професорот Абдулменаф Беџети се осврна на уставниот амандман кој предвидува јавниот долг да се ограничи на 60 отсто од БДП, на што тој додаде дека до 2017 година, кога е предвидено да влезе во сила овој амандман може да се достигне плафонот.
– После нека му ја мислат тие наредните што ќе дојдат на власт – коментираше Беџети.
Гошев предупреди дека земји со многу помал процент на јавен долг банкротирале и дека капацитетот на задолжување е различен кај сите земји.
Кире Наумов зборуваше и за уставниот амандман со кој се менува името на Народната банка во Банка на Македонија и тој откри дека Груевски уште како лидер на опозицијата, пред повеќе од осум години ја промовирал таа теза во неврзани муабети во Собранието на кои и Гошев и Наумов биле сведоци.