Град Скопје ја соопшти новогодишната програма подготвена во соработка со ,,Комора на музичка индустрија,, и најави настап на повеќе од 50 домашни естрадни уметници во тек на 14-дневната дружба.
Како што дознава „Фокус“, на чело на Комората која го организира настанот стои музичарот Горјан Стојановски, познат на пошироката јавност од ,,Мерак меана”, но и претседател на Здружение на естрадни ументици на Македконија (ЗЕУМ).
Стојановски вели дека одговорноста била преголема, но дале се од себе за да донесат празнична бајка во Скопје. Потенцира дека овој проект е дел од нивната кампања – Македонски естрадни уметници за македонските општини, со цел да се промовира и негува домашната музика.
-Огромна чест и задоволство ми е што организираме волку голем настан, впрочем и таа беше целта за формирање на Комората, но секако одговорноста е преголема и ако верувате, последниве денови се будам среде ноќ од што ми текнува на обврски што треба да се довршат за да биде сѐ перфектно организирано.
Навистина се многу денови, а програмата е доста сериозна и очекуваме секој ден плоштадот да биде полн. Знаеме дека народот знае да се весели и прославува, па затоа програмата ја направивме за сите генерации и од сите жанрови на музика- вели Стојановски за ,,Фокус”.
Од име на сите учесници во програмата, тој упати покана до сите граѓани да дојдат на плоштад Македонија и да се забавуваат со богатите содржини.
-Секако дека сите артисти се домашни и овој проект е дел од нашата кампања-Македонски артисти за македонските општини. Нешто посебно што треба да се види и доживее ќе бидат настапите на оперските и балетски уметници на 30-ти и 31-ви декември, во тек на ден, кога на плоштадот ќе се играат валцери.
Ги покануваме сите наши сограѓани да дојдат на плоштад Македонија во Скопје и да прославуваме заедно овие денови, а секако посебна покана за 31-ви кога ќе биде нашиот настап со целата екипа од Мерак Меана- порача претседателот на Комората, Стојановски.
Вики Клинчарова