Голем дел од пожарите во државата се уште се активни. Пожарот кај селото Девич во охридскиот регион е ставен под контрола, а во Пехчево уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. На терен се пожарникарите, припадниците на Армијата, а во секој момент се очекува да пристигне и специјална ПП единица од Словенија.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) согласно состојбата со активни пожари до 13 часот, уште е активен пожарот во штипскиот регион, во атарот на селото Нов Истевник, кај маалото Пасјак.
До овој момент, опожарена се околу 750 ха борова шума и нискостеблести растенија. Екипите за гасење на пожар се на терен од раните утрински часови.
Интервенираат 200 припадници на Армијата, 25 вработени во ШС Голак – Делчево со четири теренски возила; ТППЕ Делчево со 13 пожарникари, две цистерни и теренско возило, пет припадника на Гранична полиција со пет теренски возила, тројца припадници на ПС Делчево со едно теренско возило, ЈПКД Брегалница со 10 вработени со 2 ровокапачи, теренско возило со еден тон вода и еден џип, РЦУК Делчево со еден вработен, ТППЕ Македонска Каменица со четири пожарникари со теренско возило, ЈП Камена река – Македонска Каменица со 10 вработени и едно комби, и дел од екипата од Бугарија.
Волонтери од Црвени Крст Делчево се на терен и доставуваат вода за пиење на ангажираните сили.
Во гаснењето на пожарот ангажирани се и четири хеликоптери.
Во општина Пехчево, кај месноста Бајаз Тепе пожарот се уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик.
Опожарена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта.
Интервенираат хеликоптери, сто припадници на Армијата, 20 ренџери, дел од екипата од Бугарија, ШС Равна Река – Пехчево со 30 вработени со две теренски возила со цистерни и четири возила за превоз, ШС Малешево – Берово со 15 вработени со две теренски возила со цистерни и две теренски возила за превоз, ТППЕ Берово со три ПП возила и седум пожарникари, ТППЕ Скопје, Штип и Струмица со по две пожарникари со едно ПП возило, ДЗС со едно теренско возило со цистерна и четири вработени, РЦУК Берово со еден вработен, ЕВН со шест теренски возила за превоз, 35 луѓе од месното население.
Се очекува во секој момент да пристигне специјална ПП единица од Словенија.
Пожарот на потегот Костин Дол – Ново Село, во општините Кочани и Македонска Каменица, од ноќеска повторно е активен. Интервенираат ТППЕ Кочани со 15 пожарникари; ШС Осогово – Кочани со десет вработени, од Водостопанство – Кочани вкупно 20 луѓе и МЗШВ со шет лица.
Во струмички регион пожарот кај Погана е со намален интензитет, односно нема активно горење.
Досега опожарени се околу 1.200 ха ниско стеблеста шума – даб, габер, прнар, јасен.
На терен интервенираат ТППЕ Валандово со две ПП возила и седум пожарникари, ШС Саланџак – Валандово со 14 вработени, ПО ДЗС Валандово со седум припадници, 30 припадници на Армијата, ЕВН Битола со седум вработени, едно теренско возило и една цистерна и Здружение од Битола со девет припадника.
Поради намалениот интензитет на пожарот, денеска учесниците во пожарот ќе вршат контролирање и гасење на недогорениот материјал.
Во Гевгелија пожарот е под контрола. Опожарени се околу 200 ха мешана шума и сува трева. На терен се 13 лица од ШС Кожув Гевгелија.
Во битолски регион, во општина Прилеп, пожарот во атарот на селата Ракле – Никодин – Топлица е активен на еден крак према рудникот Козјак и еден крак према високиот дел од селата Крстец – Никодин.
Опожарени се околу 2.000 хектари нискостеблеста дабова шума и лисната постилка. На потегот од селата Крстец – Никодин гори нискостеблеста дабова шума.
Под контрола е кракот кон селото Топлица, кракот кон Црквата и викенд куќите во селото Ракле.
На кракот од магистралниот пат Прилеп – Градско, гори чалија, сува трева, грмушки и деградирана дабова шума.
Интервенираат 17 војници на Армијата и ТППЕ Прилеп со девет пожарникари и со две ПП возила.
Од ноќните часови, на 4 и 5 август, активен е пожарот на потегот на Дрен – Смолани во Прилеп, со кој гори сува трева, смрека, чолија и лисната постелка на површина од 0.5 ха. На истиот локалитет има и еден приземен пожар на Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума.
Интервенираат 13 војници на Армијата, тројца пожарникари на ТППЕ Прилеп, двајца од месно население, како и седум работници на ШС Црн Бор Прилеп.
Во охридски регион, пожарот во атарот на селото Девич во општина Македонски Брод, вчера во 18 часот е ставен под контрола. Од утрово на терен се ТППЕ Македонски Брод со четири пожарникари и пет вработени од ШС Македонски Брод заради контрола на просторот.
Во однос на тетовски регион, ТППЕ Тетово од 9:40 часот, со три пожарникари и едно ПП возило интервенираат поради запалена сува трева кај сточниот пазар во селото Голема Речица.
Во кумановски регион, ТППЕ Куманово со четири пожарникари и едно ПП возило, од 7 часот интервенираат поради запалена сува трева во атарот на селото Јачинце.
ТППЕ Старо Нагоричане со три пожарникари со едно ПП возило, во 09:30 часот е упатена на терен кон атарот на селото Жељудино поради контрола.
Пожарот во атар на селото Коњух во општина Кратово е изгаснат, а на терен поради контрола се наоѓа екипа на ЈП „Македонски Шуми“. МИА