Ѓорѓиевски се надева дека градоначалниците Костадинов и Јакимовски ќе ја преиспитаат својата одлука

by Fokus

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски го оцени како несериозен потегот на двајцата градоначалници – на општина Струмица, Костадин Костадинов и на Карпош, Стевчо Јакимовски, кои донесоа одлука да ја напуштат ЗЕЛС. Тој се надева дека двајцата градоначалници ќе ја преиспитаа својата одлука.

Ѓорѓиевски рече дека досега до ЗЕЛС нема пристигнато официјално барање за излегување од ЗЕЛС.

За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувам и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда, изјави Ѓорѓиевски.

Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината.

– Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните, рече Ѓорѓиевски.

Претседателот на ЗЕЛС рече дека се обидел да стапи во контакт со градоначалникот нса Струмица, но безуспешно, а со градоначалникот на Карпош разговарал и тој му рекол дека има проблеми со некои министри па морал некако да реагира.

Поврзани новости