Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вели дека би бил добар градоначалник на град Скопје. Тој во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека не се плаши од работа и дека може многу да направи за Скопје.
„Тоа зависи од повеќе фактори. Мене приоритет во моментов ми е да ги дореализирам сите проекти кои што сум се обврзал пред моите сограѓани, да ги реализирам, а де факто најголем дел од проектите ми се реализирани, над 90% имам уште еден сет на проекти кои што не сум ги ветил, но жива материја произлегле и се реализирале. Логички е и нормално секој човек да има амбиција, особено во политиката, да сработи и остави резултати зад себе.
Доколку сметат граѓаните дека јас добро ја водам општината, секако ќе има анкети нашата политичка партија, доколку одлучат граѓаните за тоа, притоа и телата на нашата политичка партија, Централен комитет, Извршен комитет и секако претседателот на партијата, мислам дека би бил добар градоначалник на Скопје. Не се плашам од работа и сметам дека можам да придонесам многу за градот Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Тој повика на итни измени во законот за локална самоуправа, со кои градоначалниците ќе може да бидат разрешени доколку не ги исполнат очекувањата на граѓаните. Тој потенцира дека овој случај со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е добар пример за потребата од вакви измени.
Ѓорѓиевски смета дека моќта со која располагаат градоначалниците е голема и дека треба да се ограничи.