Политичкиот идентитет на Гоце Делчев силен и ги надминува сите други идентитети, вели за 24 вести претседателот на македонскиот тим од Комисијата на историчари со Бугарија, Драги Ѓоргиев, истакнувајќи дека не се согласува со изјавата на Денко Малески дека Делчев имал бугарски национален идентитет.
– Гоце Делчев е роден во Македонија и има силен географски, регионален македонски идентитет. Борбата на Гоце Делчев е за Македонија. Политиката на Гоце Делчев е за Македонија и таа да биде ослободена, и тој политички идентитет на Гоце Делчев е силен и кој ги надминува сите други идентитети. Страста на Гоце Делчев е Македонија, емотивно Гоце Делчев е врзан за Македонија. Гоце Делчев гине за Македонија и од тој аспект Гоце Делчев според мене лично не може да го одвоите од македонскиот народ. Тој е најголемиот национален херој на македонскиот народ – вели Ѓоргиев.
Тој посочува дека на последните четири средби на Комисијата се разговарало за Гоце Делчев и таму застанала работата. Според него, доколку се инсистира таа комисија да каже дека Делчев бил Бугарин или Македонец, тогаш нема да има решение.
– На средбата во септември во Охрид од наша страна беше предложено дека во македонската историографија Гоце Делчев се смета за Македонец и за национален херој на македонскиот народ. Во бугарската историографија тој е бугарски национален херој и се смета за национален херој на Бугарија. Меѓутоа, тоа не смета да се прифатат тие два става како моментално присутни, и не пречи затоа што буди силни чувства и кај Бугарите и кај нас да не го честуваме заедно – вели Ѓоргиев.