На последните три средби на Комисијата не гледам желба за напредок кај бугарските колеги, а тоа се должи на политичката ситуација во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
Тој во гостувањето на весникот на ТВ Сител, посочи дека на одржаниот онлајн 13. состанок на Мешовитата комисија на која изминатите два дена не се постигна никаков резултат, се разговараше за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна. Наведува дека двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат, е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.
-Вчeра воопшто не дискутиравме за темата Гоце Делчев. Јас морам да кажам дека во последните би рекол три средби, ние не гледаме некоја желба за напредок кај бугарските колеги. Вчера на претпоследната сесија ние рековме, бидејќи Гоце Делчев беше на дневен ред да дискутираме за Гоце Делчев, меѓутоа бугарските колеги го одбија тоа. Рекоа да продолжиме со учебниците. Јас мислам дека тој однос кон работата на бугарските колеги во последните три средби се должи на ситуацијата во Бугарија, предизборната кампања, сега на недостатокот на политичка влада и е воочливо кај бугарските колеги тоа отсуство на желба да се постигне нешто повеќе во работата, вели Ѓорѓиев.