Поранешниот претседател Ѓорге Иванов вчера се обрати во Обединетите Нации во Женева на Состанокот на високо ниво на Меѓународниот центар Низами Ганџави и Канцеларијата на ОН во Женева кој се одржа во периодот од 12 до 13 јануари во Женева, Швајцарија. Состанокот, како што информираат од неговиот кабинет, бил на тема „Собирајќи ги деловите: Предизвици за поправање на скршениот свет“, а Иванов се обрати на петтиот панел на тема „Мултилатерализам за спас“.
Иванов во обраќањето истакна дека глобалните закани и глобалните кризи се индикатор дека се потребни фундаментални реформи на мултилатералните институции, а дека како најсуштествени се издвојуваат многуте предлози за промени на Советот за безбедност – предлози за нови постојани членки, користењето на правото на вето, двојните стандарди со цел за поголема инклузивност и ефикасност на Советот за безбедност, се вели во соопштението од кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Поранешниот претседател, исто така, нагласил и дека не изостануваат и предлози за промени на меѓународните финансиски институции и делови од глобалниот систем. Но, дека претставниците на државите повеќе се заинтересирани постојните мултилатерални институции да продолжат да функционираат, ако треба и на основно ниво, отколку да се реформираат затоа што, иако, тие се несовршени и делумно функционални, и како такви се повеќе корисни, отколку да ги нема.