Горде и Зоки би ги ангажирал да ги пеат моите хитови на фестивал „ИДРИЗ ФЕСТ 2016“

by fokus

ФОКУС: Се прослави во јавноста со твоите техно-ремикси, каде што со сечење, лепење, монтирање и креирање делови од разговорите од „бомбите“ создаваше вистински ремек-дела. Како дојде на таа идеја?

ТРАЈКОВ: Со музика сум цел живот од мал. Таа е составен дел од мојот живот, професионален и приватен, но, пред да монтирам, да лепам разговори и да креирам музика се трудев да ја доловам секоја емоција во овие „монтирани, креирани разговори“ и да ги засилам со музика. Работев на вториот албум меѓувремено, кој ми е до средина некаде, за издавачката куќа „Авал“ од Лондон, Велика Британија.

Така и тоа сопре некако со инспирацијата, но, верувајте, за да творите во ваков амбиент потребна е вонсериска инспирација. Можеби тоа и беше тригерот, за овие композиции да излезат потполно оптоварени со сегашноста и со нејасна визија на нашата држава за иднината, а со самото тоа пресликано во нас граѓаните, а, пак, од друга страна, поради фактот што 70 отсто од моите пријатели и другари се иселија, така испадна дека инспирацијата е чудна, таа не одбира како и во кој правец ќе се движиш.

Пробав да насликам нешто, што би требало да предизвика или да побуди реакција кај народот во Македонија, да потенцирам дека нешто навистина не е во ред со нашата држава.Traykoff OMOT

ЗА НЕКОИ ПЕСНИ МИ ТРЕБАШЕ ЦЕЛА НЕДЕЛА

ФОКУС: Сепак, ти си еден од ретките што се осмели. Зошто, според тебе, другите музичари не најдоа инспирација во бомбите?

ТРАЈКОВ: Што се однесува до моите колеги, ги има, ама и тие се многу малку што ја изразуваат ситуацијата, но сите се некако ставени во ќоше или маргинализирани или скриени од ушите на слушателите во мас-медиумите.

Впрочем, ако се погледне малку подобро, секој уметник во Македонија, ако беше пробал да се изразува со зборовите на моменталната ситуација на еден или на друг начин, беше цензуриран. Но, знаете како е со музиката. Неа не можете да ја сопрете да стигне до слушателот, колку е поискрена, толку побргу продира, сакале тие или не, па би сакал сега да ги повикам и да ги охрабрам да направат едно парче и да остават секој по еден белег на еден или на друг начин.

За останатиот, (поголемиот) дел од уметниците мислам дека и должат барем по една ваква песна, не со креирани и монтирани разговори, туку песни со реалноста во која живееме затоа што секој уметник има многу важна улога во овој период од историјата на Македонија.

Наместо да пеат постојано за невозвратената љубов, не би било лошо да пробаат да ја опеат нашата ситуација. Моментално има толку многу теми, но, за жал, несреќни, и да заборават на момент барем на субвенциите, на фестивалите, на спонзорите и на привилегиите и да се потсетат дека НАРОДОТ е тој што ги одржува во живот, а граѓаните знаат тоа да го препознаат.

ФОКУС: Колку време во просек ти требаше да направиш еден ремикс, една нумера со материјали од бомбите? И што е потешко, да се направи музиката или да се најде соодветниот фрагмент од снимките?

ТРАЈКОВ: Секогаш различно време. Некогаш два дена, некогаш 5 дена, некогаш и една недела. Најтешкиот дел е да ги преслушуваш повторно и повторно и повторно разговорите за да можеш еден час разговор да го ставиш во контекст од строфи и рефрен и сето тоа да звучи како целина од 3, 4, или 5 минути.

А верувајте, умот, желудникот и останатиот дел од организмот имаше чудни реакции преку гадење, разочарување, но изгледа било и поттик, искрено лош процес во најмала рака, затоа што тука не се само зборовите, тука се и делата што се случувале, тука е динамитот од „Космос“, тука се манипулациите на граѓаните, тука се криминалите од провизиите, а од друга страна, имате прерано починато девојче за кое не се најдоа средства да се испрати на лечење и многу други случаи.

Ерозија на државата по сите основи од вертикални партиски непрофесионални институции до хоризонтално деградирање на сите вредности кои ги имавме како општество. Но, ќе си ги вратиме.Traykoff 02

БИ САКАЛ ДА БИДАМ ПОЛИТИЧАР

ФОКУС: Задоволен ли си лично од тоа како публиката ги прифати твоите нумери? Какви беа реакциите? Имаше ли пофалби, а и закани и навреди можеби?

ТРАЈКОВ: Да, презадоволен сум затоа што ми ја разбраа пораката што сакав да ја пренесам, дури и изненаден од бројот на 200.000 слушатели во овој период од кога излегоа бомбите во јавноста.

Пофалби стигнаа од сите страни на светот, на пример „ВМРО МВРО“ беше дел од емисија на чешки поткаст за ситуацијата посветена на Македонија, имав и реакции од иселениците во Америка, Европа и во Индонезија, и секако од домашната публика и од граѓаните од улица.Поголема закана до сега немало, затоа што јас со стравот имам расчистено во мојата глава поодамна – стравот е психичка состојба! А нивно е да се обидуваат.

ФОКУС: Кои се твоите наредни активности на музичко-политички план? Бомбите до 17 мај ќе бидат испукани сите, потоа почнува нова фаза. Очекуваш инспирација и тогаш, или време е музиката да престане и да се премине на дела? Да не стануваш политичар?

ТРАЈКОВ: Моите наредни планови, како и секој одговорен граѓанин на оваа држава, е да излезам на 17 мај, да демонстрирам и да протестирам за состојбите во државата и да придонесам за почнување дијалог. Нејќам да придонесам за насилство, но сакам решенија, и тоа вистински, и сега. Мислам дека ние како граѓани премногу попуштавме и мижевме досега на сѐ што се случувало во Македонија и дека е време да ја исправиме оваа грешка.

Шаторот ќе го побарам деновиве и ќе си го носам за секој случај ако е потребен, ќе отидам и ќе го поставам кај средношколскиот камп – ако можат тие, можеме и ние. Би сакал да направам промоција на албумот, но со една друга композиција. Но, за тоа во иднина.

Што се однесува до политика, да, би сакал да бидам политичар кој би нудел решенија за граѓаните за подобар и просперитетен живот. Така се обидов и претходно во парламентот со „Аман“, но тие решенија, определби и заложби, за жал, останаа само пусто ветување.

Политиката мора да биде вратена кај секој граѓанин, затоа што таа му припаѓа нему, а не на 10 луѓе во државата. Колку повеќе граѓани бараат промени, толку побргу ќе се случат, затоа што заедно можеме сѐ. Ги охрабрувам сите млади и стари што сакаат средба со совеста, да дојдат и да споделат неправди што истрпеле. А сите имаме многу да споделиме, да кажеме и да раскажеме.Traykoff 03

ЧОВЕК ШТО ПЕЕ, ЗЛО НЕ МИСЛИ

ФОКУС: Џони Кеш еднаш сними цел албум во затвор (албумот „At Folsom Prison“), не како затвореник, секако, туку како музичар во посета. Кога сево ова ќе заврши и многу од сегашните властодршци ќе завршат зад решетки, спремен ли си да ги посетиш во Идризово и да ги ангажираш да бидат вокалисти на твојот нареден албум? Со кои од нив на таков начин најмногу би сакал да соработуваш?

ТРАЈКОВ: Казнено-поправните домови треба да бидат институции, кои, покрај издржување казни за сторените дела, треба да служат и за подготовка, за кога ќе излезат од затвор, да бидат рехабилитирани граѓани. Јас, секако, сум тука на располагање, ако им затребам можам да ги посетувам и да им организирам фестивал, на пример „ИДРИЗ ФЕСТ – 2015/16“.

Дефинитивно, кога би избирал, би ја одбрал Гордето или дует со Зоки од снимките, зашто стварно мислам дека ја бива за пеење, мислам дека има и други таленти, но, полека, со тек на време. Имав еден професор кој ми велеше: „Горан, талентот е како необработен дијамант, а кога треба – се работи“. Затоа што човек што пее, зло не мисли.

ФОКУС: Сигурно додека ја креираш твојата музика и ти седиш затворен во четири ѕида. Па, за сѐ што направи за овој народ, очекуваш ли некој да ти каже „фала“?

ТРАЈКОВ: Ова е моето „Фала“ за Македонија и е најмалку што можам да направам, но ако пробаме сите по олку, ќе бидеме силна државотворна демократска република во секој поглед и во најмала рака посреќна држава со посветла иднина и за идните генерации и за сегашните. Мислам дека тоа ни е пропишано и во Уставот, но ќе треба наново да ги етаблираме овие руинирани вредности.

ФОКУС: Фала Горан, и за музиката и за ова интервју.

Поврзани новости