Гордана Димитриевска – Кочоска: За пет години треба да вратиме 8,8 милијарди евра долг, еврообврзницата ќе помогне во амортизирање на обврската

by jadranka 18:18
18:18

Државата во наредните пет години, почнувајќи од тековната, ќе треба да врати околу 8,8 милијарди евра, колку што изнесуваат вкупните обврски за отплата од задолжувањата кои доспеваат во овој период.

Ова денеска, меѓу другото, го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која на прес-конференција информира за деталите вчерашната, како што ја самата ја нарече, успешна аукција на еврообврзницата која е поделeна на две транши од по 500 милиони евра, од кои едната е со рок да доспевање од четири, а другата на осум години.

Издавањето на оваа еврообврзница, како што наведе министерката, е целосно планирано и проектирано во буџетот за 2026 година, како и во ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг.
„Ова значи дека иако номиналниот износ за задолжувањето изнесува една милијарда евра во текот на 2026 година Министерството за финансии ќе изврши отплата на обврски само по основ на надворешниот долг од околу 893 милиони евра. Со тоа ефектот врз јавниот долг е значително понизок и целосно усогласен со среднорочната фискална рамка“, посочи министерката за финансии.

Во овој контекст таа ја наведе и динамиката на доспевање на обврските за отплата на долговите на државата од претходните задолжувања. Во 2026 година тие изнесуваат 1 563 000 000 евра, плус обврзниците на домашните пазар што доспеваат и се со рочност од една година. Во 2027 година обврските ќе изнесуваат 1 579 000 000 евра, плус повторно износот на државни хартии од вредност кој доспеваат во една година, во 2028 година износот е 1 971 000 000 евра, во 2029 година – 1 304 000 000 евра, во 2030 година – 1 414 000 000 евра. Или за вкупно пет години, без оние коишто доспеваат вообичаено и се дванесетмесечни државни хартии од вредност, вкупниот износ којшто доспева е 8 милијарди 804 милиони евра“, потенцираше Димитриеска-Кочоска.

Како што кажа таа, една од целите на издавањето на последната еврообврзница, односно роковите на доспевањето на траншите, е да се постигне рамномерно распределување на доспевањата и во намалувањето на ризиците поврзани со концентрацијата на отплати во поединечните години.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто излегува дека во наредните пет години државата ќе треба да враќа две милијарди евра повеќе во однос на претходните проекции, министерката во пообемниот одговор се осврна на просечната рочност на портфолиото на државата, кое, како што кажа, за жал е некаде околу три години. Таа претходно наведе дека тоа се должи на кратките рокови на доспевање на обврзниците што биле издавани претходните години.

„Ако ги погледнеме рочностите на еврообврзниците во последните години, а тоа беа сè кратки рокови со цел да се оптовари некоја нова влада што ќе дојде, па еве мене ми се падна товарот секоја година да имам огромни обврски да сервисирам. Меѓутоа за жал вкупната или просечната рочност на портфолиото на државата е некаде околу три години, што се страшно во споредба со она што можеме да го кажеме како некоја нормална рочност којашто ја имаат останатите земји, јас би рекла повеќе од Европската Унија, туку не би навлегувала каков е Балканот. И би рекла дека тука не треба да се споредуваме со никого, туку треба да си ја создаваме нашата стратегија како треба да изгледа рочноста на јавниот долг“, вели Димитриеска – Кочоска

Таа додаде дека и одлуката едната транша од обврзницата да биде на осум година била токму во таа насока – полека да се менува структурата на рочноста на јавниот долг.

Слични вести