Веста која ја објави ,,Фокус” вчера, дека 370 песни добиле 972.100 евра субвенции за поддршка на домашната музика, податок кој го сумирал музичарот Коста Карев, кој беше неколкукратен член и претседател на Комисијата која одлучуваше по конкурсите за доделување на субвенции за поддршка на домашната музичка индустрија, го предизвика револтот на јавноста и покрај тоа што Законот за поддршка на домашната музичка продукција беше укинат минатата година.
Она на кое што најмногу реагираат граѓаните, но и голем број на музичари, односно интерпретатори и композитори, е дека народот всушност ниту не слушнал добар дел од наградените композции, кои добија суми од по неколку илјади евра.
-Каде се песните за кои се дале околу милион евра? – е едно од најчестите прашања кое се поставува на социјалните мрежи, но се реагира и на начинот на кој се одлучувало кој да ги добие субвенциите, со оглед на тоа што во листата објавена од Карев, некои музички имиња биле добитници на државната финансиска помош и во повеќе наврати.
И додека на листата има музичари кои речиси воопшто не и се познати на пошироката јавност, или пак пејачи кои не се активни на естрадата со години и децении и зад себе немаат некој поголем хит, впечатливо е што некои имиња кои оставиле евергрини на нашата сцена воопшто ги нема помеѓу субвенционираните.
Еден од нив е и доајенот на македонската народна песна, Ефто Пупиноски. И покрај тоа што зад себе има десеттина хитови, како на пример балканскиот хит ,,Лихнида кајче веслаше” или пак ,,Туѓа си бескрајно” песна која е неизоставен дел од речиси секоја забава и има милионски прегледи на интернет каналот Јутјуб, триесеттина солистички концерти и гостувања низ целиот свет, сепак, според комисијата, тој не го заслужил местото во категоријата Ѕвезди, Афирмирани изведувачи, Врвни изведувачи, Истакнати изведувачи, односно ниту еднаш не добил државна поддршка за своето творештво, според Законот за поддршка на домашната музичка продукција.
Во разговор за ,,Фокус”, Пупиноски вели дека е горд и се чувствува достоинствено што сепак, не е дел од наградените. Раскажува дека пред неколку години, кога започна проектот со доделување на субвенциите за домашна музика и самиот конкурирал, но за кратко време ја сфатил играта. Според него, се работело за лесен начин да се дојде до пари, каде негови колеги прикажувале неточен број на концерти, комисијата доделувала субвенции по нејасни критериуми за песни кои никогаш не станале хитови, а законот наместо да стане поттик за развој на националната музика, станал поттик и инспирација за криминал. Тој апелира Јавното Обвинителство да го испита целиот случај, и обвинува за кражба на народните пари.
-За миг се здружија композитори и интерпретатори со комисијата со една заедничка цел, што повеќе да се украде! Првите конкурираат, а комисијата редовно им одобрува, нормално, првите со обврска дел од парите да одвојат за комисијата. Нека испита Јавното Обвинителство, ако го има, кој колку концерти направил и зошто некој добил 5, 6, 7, осум пати субвенции. Тука е во прашање чист криминал и кражба на народните пари – тврди Пупиноски.
Уште во 2017 година, додека беше актуелен Законот за поддршка на домашната музика, тој во повеќе наврати реагирал, и упатил писмо до Министерството за култура, во кое посочил дека законот е дефектен бидејќи не се засновал врз материјална основа, туку се било препуштено врз чесноста и достоинството на корисниците на тој закон, односно врз нивното ,,Жими мајка”. Појаснил дека во трка за пари, негови колеги прикажувале голем број на концерти во Македонија и странство, за кои тој верува дека не се случиле. Пишува дека доколку би ги тужел, тие не би можеле да оправдаат ниту пет проценти од она кое го прикажале, ниту да потврдат со факти каде се одржале тие концерти, на кои локации, пред колку време и пред колку публика.
Тој му предложил на Министерството да се укине законот, бидејќи се покажало дека субвенциите од 4.000 евра, ниту пак високите фестивалски награди не се решение на проблемот, затоа што хитови и понатаму немало. Предложил парите да се пренасочат кон живиот контакт, музика – конзумент на песната, односно да се поддржат квалитетните пејачи при правењето на концерти за нивно квалитетно организирање, каде директниот контакт помеѓу музиката и слушателите бил незаменлив за промовирање и прифаќање на таа музика. Историјата го покажала тоа, дека нема уметност и култура по нарачка, туку успешна била таа култура и уметност која слободно излегла од длабочините на даровитите уметници – напишал Пупиноски во писмото адресирано до Министерството за култура. Вели дека одговор на истото не добил никогаш.
Сепак, и покрај тоа што Законот се укина минатата година, под образложение од Владата дека во практика не ги дал очекуваните ефекти, музичарот апелира надлежните органи да го истражат начинот на кој се доделувале субвенциите, за во иднина да не се случуваат било какви злоупотреби на народните пари. Разочаран од севкупната состојба на естрадата, од застапеноста на концертите на турбо фолкерите од соседството и непочитувањето на нашите вредности, нашиот народ може да биде само губитник. -Со таков однос кон музиката го допревме дното! Додека глумиме патриотизам на нашиве простори царуваат оние од север. Само од 15-ти декември 2018 година до 31-ви декември 2018 година во Скопје ги имаше пет, Брена, Јоксимовиќ, Карајлиќ, Лукас и Парни Ваљак. Ќе им ги натовариме торбите со пари, ќе ни кажат –Ви сте најбоља публика, ја вас све волим, и чао македонче! Македончето само за нас нема пари, па работата е падната до неверојатната понуда за настап за една скопска општина на наша пејачка, која зад себе има оставено песни, со цели 2.000 денари! Нема простор за коментар. Народ кој не ги почитува своите вредности е вечен губитник. Иста е состојбата и во странство. Младите македончиња паѓаат во транс на српско. Нека ни е на здравје, нема надеж – порача фолк легендата.
Законот за субвенционирање на домашната музичка индустрија беше донесен во времето кога министерка за култура беше Елизабета Канческа – Милевска. Идејата беше секоја година да се одвојуваат 512 илјади евра државни пари, со цел да се стимулира продуцирањето на популарна македонска музика, забавна, народна, музика за деца, композиции за афирмирање на историјата на Македонија, како и песни за афирмирање на семејните вредности и многудетните семејства. Се укина лани, во времето кога министер за култура беше Роберт Алаѓозовски. И покрај тоа, не стивнуваат реакциите од граѓаните, дека парите биле напразно потрошени и не е почувстувуван никаков позитивен ефект на музичката сцена во земјава.
Вики Клинчарова