Анифе и Валмир Леши од Дебар се млад брачен пар, родители на две деца, десетгодишна ќерка и осумгодишен син. Во градот речиси нема кој не ги знае. Таа повеќе од 13 години работи како медицинска сестра, а пак тој е познат како автор на многу популарни текстови на албански песни, вработен во јавното комунално претпријатие, одговорен за одржување и хлорирање на водата за пиење, и хонорарно вработен во локална телевизија.
Но, од вчера семејството Леши се најде во центарот на вниманието поради актуелниот корона вирус, откако беше потврдена информацијата дека двајца лекари и две медицински сестри од Дебар се позитивни на актуелниот вирус. Анифе (34) е една од заразените сестри, а семејството со цел да ја подигне јавната свест, реши да излезе во јавност со сите детали.
-Најлошо од се е да се криете од ова! Впрочем, со криење може сериозно да станете ,,можен убиец, криминалец”, па затоа повикувам луѓето да не се срамат, да кажуваат и со тоа да помогнат за што е можно побрзо закрепнување од оваа модерна чума – за ,,Фокус” раскажува Валмир, кој дозволи да ги објавиме фотографиите од неговото семејство, со цел да ја пренесе пораката дека да се биде позитивен на вирусот не треба да биде табу тема или пак нешто од кое заболените треба да се срамат и да го кријат.
Вели дека неговата сопруга Анифе е дома, во самоизолација, како и целото семејство. Појаснува дека таа е носител на вирусот, но не е во ризична состојба. Поради тоа, вели дека условите во моментот налагаат таа да остане дома, не смее да излегува надвор, а состојбата многу добро ја сфатиле и нивните две деца.
-Целото семејство сме дома, во изолација, не излегуваме. Децата сами ја сфатија состојбата, и токму тие се најголемата поддршка на нивната мајка. Слушаат вести, разбираат, секако дека сфаќаат што се случува. Животот ни оди нормално, се јаде, се пие, се читаат книги, се играат разни игри. Дури можам да кажам, верувајте ми, во вакви моменти човек може да почувствува што точно значи топлина на домот! Луѓето треба да сфатат дека овој вирус е само доказ дека ние почнавме многу бргу да трчаме низ животот. Па, сега очигледно дојде времето тоа темпо да се намали – вели Валмир.
Додава дека во изминатиот период постојано и на својот профил на Фејсбук апелирал луѓето да седат дома, да се грижат, повикувал на мерките за претпазливост.
-Оваа изолација ја сфаќаме како еден доказ дека некаде горе на небото некој сериозно сака да ги донесе на место сите оние работи кои ние заедно ги запоставивме, а пред се, тука мислам на вредностите на заедницата, односно семејството – појаснува како тој гледа на состојбата.
Сега, додава дека се е во најдобар ред, дека времето во изолација им минува без проблем. Околу набавките на намирници, бидејќи не смеат да излегуваат надвор, вели дека има добро организиран општински кризен штаб, но и дека Дебар е мало место во кое сите се познаваат меѓусебно, така да не верува дека може да имаат било каков проблем.
На крај на разговорот, се вклучи и храбрата медицинска сестра Анифе, со порака до јавноста.
-Јас одев на работа, сакав да ја довршам мојата мисија. Заедно со персоналот изгубивме битка, но војната НЕ! Останете дома, за да направиме оваа ситуација да помине што побргу – ни изјави Анифе Леши.
Според последните информации, бројката на заболени во земјата изнесува 31 лице.Од Министерството за здравство постојано апелираат да не се излегува од дома без потреба и јавноста да се придржува до мерките за заштита и превенција.
Вики Клинчарова