Ако кој било, барем еден, од судиите и обвинителите, кои уредно и редовно ги трошат парите на граѓаните, имаат барем еден бозон на лична чест, човечко достоинство и чувство за лојалност кон сопствената професија, граѓаните и државата, не треба да ја преспијат следната ноќ без да размислат за својата оставка
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Стара поговорка е дека секој народ заслужува таква власт каква што има! За жал, на граѓаните на Република (Северна) Македонија ова веќе не е начелна политичка изрека, туку длабоко трауматична животна горчина што ја живееме веќе дваесетина години. Таа е нашиот ноќен кошмар, кој го определува секојдневниот живот и неизвесноста.
Не многу одамна напишав дека Македонија е држава на хаосот, криминалот и корупцијата! Не сум многу среќен што од ден на ден таквата оценка се потврдува со сѐ поголема жестина и суровост. Казна е да се живее во Македонија денес.
Одговорноста и „вината“ на граѓаните на „оваа држава“ е што самите избираат (ако навистина избираат!) таква власт каква што имаат. Времето покажа дека промената на една со друга партија на власт, од едни до други избори, не значи и не доведува до промена на политичките цели и вредности.
Напротив, сите редум си ги реализираат своите партиски, групни и лични интереси и цели. Токму затоа граѓаните на Македонија се жртви на политичките партии и на нивните „лидери“.
Секој нов изборен циклус и секоја нова власт не значат ништо друго, туку континуитет и „унапредување“ на политичкиот волунтаризам од една и криминалот и корупцијата од друга страна.
СРАМ
Затоа и дојдовме во оваа ситуација – да се срамиме од самите себе, од фактот што сме граѓани на оваа држава, што сме Македонци, Албанци, Турци итн. (ако срамот воопшто има национален предзнак)! Не само тегобно, туку и срамно е да се живее во Македонија денес!
Факт е дека никој од политиката и власта не се однесувал и сѐ уште не се однесува сериозно кон критиките на „домородните“ граѓани, интелектуалци, бизнисмени за епските димензии на криминалот и корупцијата креирани од и во институциите на системот.
Згора на тоа, таков однос изградија и кон добронамерните „укажувања“ и на нашите западни партнери. Не сум сигурен дека и сега имаат некоја грижа на совест или, пак, се возбудуваат од фактот што ЕУ најавува воведување на Оценувачка мисија, а САД јавно и гласно зборуваат за својата промашена инвестиција во македонското правосудство.
Што и да се пишува, што и да се зборува, ништо не допира до нив. Очите им се насочени кон парите, нивните лични и групни интереси, власта, криминалот и корупцијата!
ГЛАМУРОТ НА АЛЧНОСТА
Се поставува прашањето што ќе направат судиите и обвинителите по ваквите реакции на ЕУ и САД. Моја лична прогноза е дека нема да се направи ништо.
Како и многупати досега ќе гледаат да се затскријат во уверувањето дека ќе помине и оваа бура. Дали ќе биде така и дали и овојпат ќе поминат неказнети за криминалот и корупцијата во која длабоко се навлезени, останува да се види.
Се надевам дека ако кој било (барем еден) од судиите и обвинителите, кои уредно и редовно ги трошат парите на граѓаните, имаат барем еден бозон на лична чест, човечко достоинство и чувство за лојалност кон сопствената професија, граѓаните и државата, не треба да ја преспијат следната ноќ без да размислат за својата оставка.
Се разбира, од морални и лични причини! Тоа е најмалку што секој поединец може и треба да го направи во одбрана на својата професија.
Сѐ друго ќе биде само мачен и драматичен процес на меѓусебни пресметки, подметнувања и интриги во кои, најнакрај, пак ќе опстанат криминалците и политички „интегрираните“.
Станува збор за конечно разголување и капитулација на правосудниот систем во државата. Единствената дилема е дали разрешницата сега ќе биде во институционални или вон институционални рамки. Простор и време за бегање нема!