Се очекува да биде тешко да се формира нова влада во Бугарија по вчерашните предвремени парламентарни избори на кои победи партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, но се уште е многу нејасно дали поранешниот карате шампион со нарушен имиџ ќе успее да формира влада.
Тоа беа четврти парламентарни избори во Бугарија за 18 месеци и сега Борисов ќе треба да се обиде да формира владина коалиција во многу фрагментиран политички пејзаж.
И покрај неговата често пријатна врска со Кремљ и руските енергетски компании, поранешениот бодигард се обидува на овие избори да се претстави како проевропски атлантист, забележува ” Блумберг” кој ги гледа природните сојузници на ГЕРБ во второпласираната проевропска и про-НАТО коалиција „Продолжување со промените“, предводена од поранешниот премиер Кирил Петков и во антикорупциската формација „Демократска Бугарија“.
И двете политички сили, сепак, сметаат дека Борисов е персонификација на проблемите на земјата и е многу мала веројатноста да се согласат да соработуваат со ГЕРБ доколку тој не се повлече од политиката.
Доколку поранешниот премиер не успее да најде излез од ќорсокакот, претседателот Румен Радев најверојатно ќе назначи преодна влада до одржување на нови предвремени избори за неколку месеци.
Коалициите зависат од партијата на Турците
Според поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев пак можни се три сценарија меѓу кои и техничка влада и нови избори. Другите две пак зависат од партијата на ерничките Турци.Другите две пак зависат од партијата на ерничките Турци.
Според него првото сценарио е созавање на коалициона влада помеѓу десната коалиција ГЕРБ-СДС со либералите-партијата на етничкото турско малцинство „Движење за права и слободи” и партијата десно од центарот „Демократска Бугарија”.
Изборниот резултат диктира дека ваквата коалициона влада ќе има тесно мнозинство од 124 пратеника во Собранието кое брои 240 пратенички места.
Тој додава дека за вакво сценарио е потребно Бојко Борисов да изведе „политички лупинг”, да го отстапи премиерското место на про-атлантскиот политичар Даниел Митов (екс Министер за надворесхни работи на Бугарија)кој е прифатлива личност не само за ДПС и Демократска Бугарија, туку и за меѓународниот фактор.
-Второто сценарио е доколку коалицијата ГЕРБ-СДС не успее да состави влада и го врати мандатот на претседателот Румен Радев, тогаш е возможно коалиција на се уште политички непрофилираната партија „Продолжуваме со промените” со левицата, составена од партиите „БСП”,„Бугарски подем”, прилагодливата партија од центарот „Демократска Бугарија”, вели Ѓорчев за ” Фокус”
Што ова значи за Македонија?
И да се остварат сценаријата ,ништо нема да се промени во политиката на бугарските институции-како што се Собранието и Владата, ниту пак ќе се смени граѓанската перцепција кон Македонија, вели Ѓорчев за “Фокус”.
Според него вековната бугарска стратегија чии што фундаменти се науката, образовниот систем, социјалниот инженеринг,не дозволива маневарски простор кај било кој политички субјект во Бугарија кон т.н. “македонското прашање”.
-Се додека ние во Македонија не разбереме дека попуштањето од наша страна води само кон се поголем притисок од бугарска страна, нема да има подобрување во двонасочниот бугарско-македонски дијалог. Без рамниправност и симетрија, нема да има взаемна почит и меѓусебна доверба помеѓу бугарската и македонската држава, заклучува тој.
Соња Танеска